10 години успешна работа на РРОМА од Кратово (ВИДЕО)

Среда, 20 Декември 2017 14:24 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Зад нив се 10 години успешна и плодотворна работа. Десетици проекти за еманципација на ромската популација, многу кампањи за зајакнување на позицијата на ромската жена во општеството, безброј предавања и работилници за предрасудите поврзани со ромската популација. Основачите на Регионалната ромска образовна младинска асоцијација со седиште во Кратово се презадоволни од она што го сработиле во изминативе десет години, свесни дека со активностите што ги спровеле го подобриле животот на малцинските заедници, со акцент на Ромите како најдискриминирана категорија граѓани. Знаејќи ја енергијата која зрачи од претседателот на РРОМА, Мустафа Јакупов, од него и неговата асоцијација може да се очекуваат уште многу проекти во иднина.
На прославата на десетиот роденден на РРОМА, во хотелот „Кратис“ во Кратово присуствуваа 30 млади луѓе дојдени од 6 европски земји. Тие цела недела заедно работеа, учеа и се дружеа преку младинска размена организирана од страна на РРОМА и поддржана од Еразмус плус и Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Целта на младинската размена беше преку употребата на креативни методи и алатки да се добијат повеќе информации од областа на вработувањето, односно младите да се подготвуваат за соочување со „суровата“ реалност на барање работа, подготовки на сивија и интервјуа.
На крајот од дружењето, учесниците изработија прекрасно видео за нивното искуство.

Оливер Арсовски

alt
Сподели