АПЕЛ ЗА ПОМОШ: Семејството Трендафиловски од Кратово живее под ведро небо (ВИДЕО)

Сабота, 24 Ноември 2018 13:23 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

alt
Судбината и скрои живот на Иванка Трендафиловска каков таа не би посакала ниту на најголемиот непријател. Без животен сопатник, во распадната куќарка во Кратово, ја чува својата неподвижна 80-годишна мајка, а повеќе од десет години го расте и воспитува детето на својот брат. Иванка му е се на деветодделенецот Ѓорѓи, чии родители се развеле пред десеттина години и секој си тргнал по својот пат, оставајќи го малиот Ѓорѓи на тетката.
Како капак врз нивната животна голгота дојде несреќата која ја донесе невремето што го зафати Кратово пред неколку дена. Стариот и дотраен покрив на старата полураспадната куќарка не го издржа налетот на ветрот и дождот и се урна, а водата ги поплави двете мали сопчиња. Како невработена, Иванка го издржува семејството со скромната пензија на мајка си, која не стигнува ниту за храна и сметки, а камо ли за обновување на домот.
-Ги молам сите хумани граѓани да ми помогнат во време кога дождот ми го урна покривот и го поплави домот. Чувам неподвижна мајка и дете без родители. Се ми е уништено во домот, замолувам добрите луѓе да ми помогнат, или финансиски, или со материјали – со солзи во очите вели Иванка.
Досега, единствената каква-таква помош стигна од Јавното комунално претпријатие „Кратово“, во вид на градежни материјали. Но, Иванка е разочарана затоа што материјалот не стигнува за изградба на новиот покрив, а таа нема ниту керамиди. Целата покуќнина и е уништена, стариот фрижидер и електричен шпорет полни со вода. За бојлерот не се грижи, затоа што никогаш и немала.
Единствено ја плаши дождот. И зимата што доаѓа. Во нејзиниот дом одамна никој не запеал. Да се надеваме дека хуманите граѓани нема да дозволат плачот и тагата да ја победат радоста и песната.-----Оливер Арсовски


ДОНАТОРСКА СМЕТКА ВО БАНКА - ДЕНАРСКА
Централна кооперативна банка Скопје
Иванка Трендафиловска сметка
320-500023699603

ДЕВИЗНА СМЕТКА
Иванка Трендафиловска
IBAN МК07 3205 4002 8175 763
валута EUR
EMBG 2306968428003

Сподели