Кратовските средношколци импресионираа на националниот Саем за храна и пијалаци

Недела, 13 Ноември 2022 18:54 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци од Македонија, 40 здруженија, а и неколку училишта викендов учествуваа на првиот национален Саем за храна и пијалаци „Вкуси ја традицијата“.

Посебно внимание на манифестацијата предизвика штандот поставен од кратовското средно училиште „Митко Пенџуклиски“ каде има и паралелки за угостителско-туристичка струка. Десетина ученици беа облечени во народни носии од кратовскиот крај, некои служеа храна, некои објаснуваа, а имаше и ученички кои на лице место месеа леб, правеа кори, јувки…

-Се гордееме со тоа какви ученици имаме и каква храна има во нашиот крај. Многу од изложеното може да го вкусите ако дојдете во Кратово, посетете го нашиот крај, вели наставничката која заедно со дел од учениците (кои беа во готвачки облеки) ја надгледуваше големата маса полна со разни тазе зготвени јадења како кратовски мантии, сукани баници, качамак, кратовски ѓувеч, кратовска сарма…

Едноставно, беше убаво да се биде меѓу овие луѓе кои уште чуваат дел од македонската традиција која се пренесува од генерации на генерации. Да се надеваме дека ова ќе даде поттик за поголемо домашното производство на храна. Македонија има традиција, има и многу обработлива почва. Само фали подобро државно планирање и поголема поддршка за земјоделците, сточарите и други вистински производители на храна.

alt

 

Сподели