Легенда за сиромашното семејство од Вак'в и вошката

Среда, 01 Јуни 2016 18:35 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати
altВо пресрет на 3 јуни (петок), денот кога Црквата и верниот народ го слават празникот посветен на Светите Константин и Елена, и кога во маалата Стојкарци во кратовското село Вак'в ќе се случува голем црковно-народен собор, порталот „Аберџија“ ќе ви раскаже една интересна легенда од ова село.
Според кажувањето на Стевче Доневски, собирач на легенди и преданија од кратовско, многу одамна во Стојкарци (Вак'в) живеело едно многудетно семејство. Судбината сакала да живеат во голема сиромаштија и беда. Мајката која имала пет дечиња, постојано сонувала сон во кој непознат глас и велел дека ќе најдат големо богатство кога ќе се пролее крв на најмалото нивно дете. По долго размислување, мајката за да ги спаси од глад и умирање останатите дечиња, одлучила да го спроведе сонот. Според нејзиното толкување на сонот, таа мислела дека најмалото детенце треба да го даде курбан, да падне крв за да семејството се спаси од глад. Го зела детето во раце, го однела во близина на денешниот храм Свети Константин и Елена и со скршено срце, пред да го даде курбан, со солзи во очите го галела по косичката. Во тој миг забележала вошка на главата на детето и со палецот ја притиснала. Вошката се размачкала на главата на детето. Во тој момент, од никаде се појавил силен ветер, кој за неколку секунди го расцепил на средина стариот орев. Од внатрешноста на оревот испаднале стотици златници, кои долги години биле скриени во дрвото. Мајката дури тогаш сфатила дека детето не треба да оди курбан, затоа што крвта на вошката била потребниот курбан. Го собрала азното и се куртулиле од сиромаштија.
Kuki
Сподели