Образованието без воспитание e едно големо НИШТО! - Колумна на филозоф(ката) ИВА ЗАРЕВА

Сабота, 08 Април 2023 17:28 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Човекот е среќен кога беспрекорно ги искористува сите свои способности и убедувања. Да бев нуклеарен физичар, ќе ви експлицирав за паѓањето на њутновото јаболко, но ете не сум. Дел сум од природата, но чувствувам дека повеќе припаѓам на општеството и преферирам да се доближам до оние мислители кои ја продолжуваат мисијата на решавање на загатката за човековото постоење. Не знам да ја објаснам гравитационата сила, но затоа можам со филозофски толкувања да разграничам зошто секој човек на различен начин го вкусува „јаболкото на животот“. Животни како животни, го конзумираат за преживување на денот, било да е зелено или зрело. Но, за човекот да дојде до најубавите и најсочните, ќе треба внимателно да ги искачува гранките и тоа е возможно, бидејќи луѓето се единствените живи суштества кои имаат дарба за рационално размислување. Тоа е и главната точка на која ќе го истрошам најновото мастило. Како до правилно рационално размислување?

Да расчистам една дилема уште на почеток. Човековата душа и разум се посложени од било кој компјутерски софтвер. Родителите кои ги форсираат своите деца да бидат „компјутерџии“ се родители кои призмата на иднината на своите деца ја гледаат со профитерски очи. Оставете ги игрите и социјалните мрежи на децата кои со жар кликаат со прстите по тастатурата. Децата не се инструменти за исполнување на некогашните, најчесто неисполнети желби на родителите. Веќе сум на прагот на полнолетството и уште сега ги согледувам автократијата, „валканиот“успех, корумпираните оддели за борба против корупција, наставници кои ја форсираат образовната функција, а воспитната функција ја ставиле во мирување.
Се чудам, а добро знам дека чудењето е мисловниот извор на еден филозоф. Веројатно не постои женска верзија на поимот ,,филозоф”, но тоа не го осудувам, бидејќи дамнешните времиња ни дале таква насока сега да се подзамислам дали јас како девојче не би постоела доколку не постоело Адамовото ребро!? Како и да е, целокупната автономија на моето битие е резултат на сите претходно поминати епохи на раст и развој. Се раѓаме безгрижни, толку многу што нема да нè чуди доколку дојде некое куче и почне да ни говори. Како бебиња ќе останеме рамнодушни, но тоа ќе биде шокантно за возрасните околу нас зашто знаат дека тоа е неприродна појава. Семејството е најважната институција во највисок ранг на важност. За секој родител детето треба да биде негово огледало, а не предмет за обработка на куќните слави. Зад секое воспитано и успешно дете стои родител кој не мора со тапија да е високообразован воспитувач. Воспитувач е секое лице кое тргнувајќи од ,,уличната” култура па сè до сите други животни искуства има потреба даго предупреди и вразуми детето на сите предизвици кои би му претстоеле на животната шаховска табла. Невоспитаноста често мајка ми знае да ја нарече ,,нетепано дете” со цел да ја нагласи неконтролираната слобода која родителите ја даваат на своите деца уште од најмала возраст. За стекнување рани социјални навики, децата посетуваат во детската образовна установа – градинка. Ова е битен момент, зашто од себе знам дека влегов како дете што јаде само суви парчиња леб, а излегов со одбивност единствено кон мармаладот. Научив за поздравувањата кон постарите, за неизлегувањето од линија при боење, колективноста и изразувањето со цела реченица. Потоа запливав во езерото на основнообразовниот систем, што го препливав со стекнати насоки и намери за тоа што сакам да бидам. Сето ова се должеше на привилегијата што ја имав да ми предаваат луѓе во чијшто очи гледав идоли. Тоа беа моите историчари и македонистите како посебна категорија луѓе што без лимит ме поддржуваа во секој мој чекор. Самото тоа што за нас последното ѕвонче заѕвони на 10-ти март (2020) и годината се заврши во некој дигитализиран свет, уште повеќе придонесе периодот на раното тинејџерство да го започнеме со најранливи чувства и тврдоглави мисли кои ставаа клуч на вратите за ресорпција на совети од родителите, Во средно влетавме преку малите комјутерски екрани со сè уште присутни траги од нереалниот свет на фантазијата. Природата си го направи своето со поука дека треба да ѝ севратиме, бидејќи таа е добра и со тоа човекот би требало да претставува уште подобро суштество. Цивилизацијата во општеството го менува човекот, а обидот за свртување грб на истото секогаш е проследуван со потсмев. Средношколските денови се тие кои нè будат од светот на имагинациите и ни приредуваат трнлив пат за одење со цел исчеличени да нè пратат во уште пореалниот живот во метрополите. Структурата на училиштето е една мешавина од претпензионирани професори кои жалат за југословенските стандарди, други што професијата ја доживуваат рекреативно, дланка младина која пробува да ни влее трошка оптимизам за иднината, за жал има и такви кои воопшто не ја заслужуваат таа титула затоа што сакаат да ни ја тргнат насмевката од лице и во нас гледаат конкуренција, а не идни херои на новото време.
Не само што образовно, воспитно и социјално се градиме како личности, туку и сме во паралелно вкусување на еротската љубов која во никој случај не треба да биде единствена окупациона зона во разумот и телото, туку мотив и поддршка што ќе создадат заеднички изградени мостови со нашиот партнер. Врвните сетилни чувства на душата преку телото ги доживуваме преку шишарковидната жлезда која го краси заедниот крај на покривот на третата комора од мозокот. Тоа значи дека со стекнатото рационално управување аглите на рамнината секогаш ќе бидат 180, но истото нема да нè засега кога ќе ни се случува првиот бакнеж. Ако Диоген барал од Александар Македонски да се помести, бидејќи со сенката му го попречувал задоволството од сонцето, нас средното образование ни дава рака да ги пронајдеме нашите вистински задоволства и основа да прераснеме во луѓе со високи морални вредности. Некаде во магла се наѕира матурирањето, а јас со право можам да кажам дека секој час е како влегување во нов свет со четириесет и пет минутно траење. Моите пишани и кажани зборови немаше да стојат цврсто на нозе доколку квалитетот на истите не ги препознаеше, продолжеше и усовршуваше човекот чии општествено-хуманистички часови поминуваат како низа приказни за кои ѕидовите, доколку би зборувале, би кажале дека се подобри од тие во подножјето на Акропол. Го кажувам ова, зашто Аристотел од нашата училница нè научи стоечки, одбранбено и спокојно да ги примаме брановидните емоции, да не бидеме незаситни епикурејци во потрага по сетилни уживања. Со големо срце да се радуваме на малата среќа, да знаеме да ја скараме сопствената совест и гордо да ги штипнеме нашите јаболчници после новонаправените храбри и успешни чекори!
Поклон до земја за сите посветени просветни работници. Вие сте пожртвуваните благословени јунаци , а ние ваш иден проповеднички бумеранг кој ќе се труди да ги сврти на подобро емпиризмот и рационализмот, како две најважни сили за природната и човековата егзистенција!
П.С. Колумната е напишана на часовите по ПЕДАГОГИЈА и ЕТИКА, за време на проверка на знаењата преку наставно ливче. alt

Сподели