Осми конгрес на социјалистите, Ѕинго повторно избран за лидер на партијата

Сабота, 27 Мај 2017 13:53 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Фотографија на Jagoda Ivanovska.Социјалистичката партија на Македонија денес го одржа својот Осми Конгрес, а за претседател повторно е избран Љубисав Иванов - Ѕинго.

На Конгресот беше поднесен Извештај за работата на партијата во изминатиот четиригодишен период. Беа направени мали измени на Статутот на СПМ и беа донесени заклучоци за актуелната општествено политичка состојба во државата, разрешување на политичката криза и задачите на партијата во наредниот период. Во Заклучоците што Конгресот ги донесе е подвлечено дека Република Македонија во минатите години предводена од Коалицијата за подобра Макеоднија забележа вонредни резултати во сите области на општественото живеење. Растот на економијата, животниот стандард, значително намалување на невработеноста, растот на инвестициите во здравството, образованието, инфраструктурата, социјалната заштита и друго,  придонесоа за многу подобар живот на граѓаните на Македонија.

Конгресот особено ги потенцира резултатите постигнати во развојот на земјоделието, гранка со која раководеше Социјалистичката партија на Македонија. Растот на бруто-домашниот производ од 2,5 до 3% е потврда за посветеноста на Владата и партиите што ја сочинуваа и е признат и оценет од домашните и странските релевантни институции како резултат што ниту една земја во опкружувањето и пошироко во Европа не го забележала.

Конгресот на СПМ подвлекува дека политичката криза во Македонија ќе продолжи и нема изгледи брзо да заврши. СПМ како и досега со внимание ќе ги следи сите политички превирања и остро ќе се спротивстави на секој обид за загрозување на македонските национални и државни интреси – нејзиниот суверенитет, интегритет, името, јазикот и сите нејзини други атрибути – знамето, химната и слично.

Името на Република Македонија и идентитетот на македонскиот народ не може да биде предмет на било какви пазарења или промени, тоа е уставно, едно, единствено и непроменливо. Македонскиот народ повеќе не може и не смее да прави отстапки од своето стекнато и природно право на сопствена држава, идентитет, историја, култура и јазик.
Конгресот ја изрази својата загриженост за поделбите во македонското национално ткиво што е погубно за иднината на нашата држава. Затоа мора ефикасно да се дејствува за смирување на страстите и градење на единство по битните национални и државни интереси.

 

Сподели