Родилиштето во Кратово зјае празно, кратовчанки раѓаат во Скопје (ВИДЕО)

Вторник, 02 Април 2019 15:17 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати


Помнат жителите на Кратово времиња, и тоа не толку далечни, кога во Кратово се раѓале над 1
50 новороденчиња во една календарска година. Тогаш не им пречело на родилките тоа што кратовското родилиште било субстандардно, технички слабо опремено и со полоши хигиенски услови.
Денес работите во Кратово се драстично променети. Миграциите што го зафатија истокот на земјата, не го заобиколија ниту Кратово, а последиците по наталитетот во градот се застрашувачки. Ако пред триесеттина години се раѓаа по три бебиња неделно, сега во Кратово се раѓаат три бебиња месечно. И што е најчудно во целата ситуација, кратовските мајки не само што ретко раѓаат, туку тоа веќе не го прават во Кратово, туку во соседните градови, најчесто во Скопје. Рака на срце, Кратово денес има модерно родилиште, далеку поопремено отколку во деведесетите години од минатиот век, но во него речиси и да не се слуша бебешкиот плач, затоа што кратовчанки не сакаат да слушнат да родат во Кратово. Причините се различни, но главната е немањето стручен кадар во родилиштето.
alt-Работам долги години како гинеколог во Кратово, а покривам добар дел од пациентките од соседниот Пробиштип. За жал, јас сум единствениот гинеколог кој покрива регион со население од преку 20.000 жители. Бројките што ќе ги презентирам се поразителни, а ќе бидат и полоши во иднина. Кога се вработив првпат во 1991 година, во Општина Кратово се родија 165 бебиња, а од нив дури 124 се родија во кратовското родилиште. Пред десетина години бројката на новороденчиња во Кратово падна на 60 до 80 годишно, а во последните три години наталитетот е катастрофа. Верувале или не, само четириесеттина новороденчиња годишно бележи општината, од нив само 6-7 ги породувам во Кратово, додека останатите се раѓаат во соседните градови. Имаме солидни услови за пораѓање, инкубатори, нови кревети, но немаме медицински кадар. Со еден гинеколог не може да функционира родилиштето, затоа што јас 100 дена во годината не сум на работа. Имаме и одлив на акушерки, сега останаа само две со лиценца. Немаме ниту анестезиолог. Никој не се потруди да го обезбеди сето тоа, па Кратово да стане едно регионално родилиште. Се плашам дека кога ќе заминам во пензија, никој нема да се нафати да работи како гинеколог во Кратово, затоа што во вакви услови, со мал број пациенти, тоа е неисплатливо – вели гинекологот Ванче Какашевски.
Слично размислување за проблемите на родилките има и градоначалникот на Кратово, Љупчо Бојаџиев, кој пред да стане градски татко, менаџираше со Здравствениот дом. И тој нагласува дека во Здравствениот дом нема доволно кадар за извршување на породувања, и речиси е невозможно да се обезбеди во блиска иднина. Според него, праќањето на родилките во соседните општини не е идеално, туку принудно решение.
Го слушнавме и гласот на родилките од Кратово, зошто се одлучуваат да патуваат во соседните градови. Велат, причини има многу, а главната е нивната сигурност, но и здравјето на бебињата.
-Принудени сме да раѓаме во Скопје и Куманово, наместо во нашиот град. Во родилиштето работи еден гинеколог, често пати е на викенд, одмор, службено патување. А раѓањето не чека, па заминуваме во соседството. Се плашиме да раѓаме во Кратово, бидејќи во случај на несакани компликации, во Кратово нема операциона сала, нема инфузии, нема хирурзи. Сега е зима, а во родилиштетот нема ниту греење. Кој би посакал во такви услови да донесе на свет рожба? – прашуваат неколкуте родилки кои зимава се породија во соседните градови.
Проблемот со родилките останува да ги мачи и понатаму жителите на Кратово. Но, она што уште повеќе ги мачи кратовчани е дали за дваесет години ќе остане воопшто некој во градот. Освен старците. А бабите, впрочем, не раѓаат! автор - Оливер Арсовски

alt

Сподели