Со „пуштање“ мустаќи кратовските матуранти го одбележаа месецот на машко здравје

Вторник, 28 Ноември 2017 15:44 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

altВо месецот посветен на машкото здравје во целиот свет се одвива настанот Movember, во кој мажите во Ноември оставаат мустаќи со цел да се зголеми свеста за превенција од рак на простата. Учениците од IV -3 клас во кратовската гимназија „Митко Пенџуклиски“ ја подржаа кампањата, додуша не со вистински, туку со нацртани мустаќи (со исклучок на двајца кои имаа вистински мустаќи). Во продолжение на текстот детално ќе прочитатe за превенција, рана детекција и третман на заболувања на простата. Простатата е егзокрина жлезда која ја опколува уретрата во склоп на репродуктивниот систем кај мажите. Основна функција на истата е продукција, екскреција на алкална течност, за време на ејакулација, која е составен дел на спермалната течност и има значајна улога за преживувањето на сперматозоидите во киселата вагинална околина.

 ProstateНајчести заболувања на простатата се бенигна хиперплазија на простатата, воспаление (акутно и хронично) и карцином на простата. Бенигна хиперплазија на простатата е зголемување на волуменот на простатата која се јавува кај мажите со стареењето и е хормонално условено. Обично зголемувањето на простатата почнува во 5 декада од животот, додека речиси сите мажи на возраст од 70 и повеќе години имаат зголемена простата. Најчести симптоми на истата се:  потреба за често мкрење, потешкотија при почнување на мокрењето, слаб млаз, чувство на недоиспразнетост  после мокрење. Дијагноза на истата се поставува со помош на ултразвучен и ректален преглед. При изразени симптоми истата се лекува со помош на лекови или хируршки со отстранување на дел или пак целосно остранување на истата. Акутно воспаление на простатата (акутен простатит) најчесто го предизвикуваат грам негативни бактерии и најчесто се јавува кај младите и средновечните мажи. Акутниот простатит често се јавува во склоп на воспаление на другите делови на уринарниот систем (цистит-воспаление на мочен меур, уретрит- воспаление на уретра итн) и после инвазивни дијагностички процедури (катетеризација, биопсија на простатата). Пациентите најчесто имаат потреба за често мокрење, уринарна инконтиненција, треска, висока температура, потешкотија во мокрењето, заматена урина, пелвична и перинеална болка.  Истата се лекува со помош на антибиотици. Дијагноза се поставува со помош на ултразвучен преглед, крвна слика со ПСА, ректален преглед. Хроничото воспаление на простата е компликација на акутното воспаление, како резултат на недоволно лечење на истата. За разлика од акутниот простатит каде пациентот е акутно болен со очигледни симптоми, пациентите со хроничен простатит може повремено да ги имаат гореспоменатите симптоми во помал интензитет или да бидат асимпроматски и обично дијагнозата се поставува ако симптомите перзистираат повеќе од три месеци особено ако постојано во повеќе наврати се детектира присутна бактерија во урината.

Карцином на простатата е втор најчест карцином кај мажите. Најчести ризик фактори се  возраста, етничктата припадност, генетските фактори и во помал степен храната. Карцином на простатата ретко се јавува кај мажи на возраст помала од 40 години. Карцином на простатата е многу почест кај црната раса отколку кај населението од белата раса. Карциномот на простата е за два пати поголем кај мажите чии роднини од прво колено имале карцином на простатата. Присуството на БРЦА1 и БРЦА 2 мутациите го зголемуваат ризикот за карцином на простатата. Установено е дека консумацијата на животински масти, намалениот внес на заленчук го зголемува ризикот за карцином на простатата. Зголемениот внес на кафе е асоциран со намлен ризик за појава на високо агресивен карцином на простата. Пушењето, бројот на испушени цигари во текот на денот, е асоциран со почеста појава и рекуренција на инвазивни карциноми на простатата. 5 годишното преживување од карцином на простатата зависи од раширеноста на болеста која се движи од 100% преживување ако е карциномот ограничен на простатата, па до 30% кај оние со далечни метастази.

За карцином на простата како скрининг метода се користи определување на нивото на ПСА (простатичен специфичен антиген) во крвта. Установено е дека покачениот ПСА дури со години (5-10 години) може да биде предвесник за карцином на простатата. Но, треба да се земе во обзир дека истиот е покачен и кај простатит и кај бенигната хиперплазија на простатата. Кај простатит обично нивоата на ПСА за 6-8 недели се враќаат во нормала. Лековите за БХП го намалуваат нивото на ПСА. Зголемувањето на ПСА при терпија со лекови за БХП најчесто укажува за карцином на простатата. Како скрининг метода за рано откривање на карциом на простатата најдобро е одредување на ПСА и дигитален ректален преглед, поединечно или заедно, а во втор план и ехо на простатата. При позитивен наод потребно е да се направи биопсија на простатата за да се докаже присуството на карцином на истата. Скрининг за карцином треба да се започне кај мажите над 50 год., додека кај мажите со зголемен ризик (кои имале роднини со карцином на простатата) да се започне на 40-45 годишна возраст. Повеќето пациенти во рана фаза немаат симптоми на карцином на простатата. Лекувањето на карцином на простата (локализирана форма) се спроведува со радиотерапија или радикална простактетомија (хируршко остранување на простатата).

Сподели