Требаше да биде наставно ливче по ПЕДАГОГИЈА, а се претвори во ФИЛОЗОФСКА беседа од перото на ИВА

Недела, 06 Ноември 2022 16:21 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Вообичаен школски ден, со мала доза на возбуда кај деветте третогодинци кои беа во исчекување на наставното ливче по предметот Педагогија. Во релаксирана атмосфера се заврши обврската, а пријатно изненадување ме пресретна попладнето, кога наместо вообичаено наставно ливче, во рака држев прекрасна филозофска беседа со педагошки призвуци. Без да погледнам кој е авторот на текстот, претчувствував дека се работи за Ива Зарева. Драги читатели, уживајте во четивото!!!
altОд ден на ден сè повеќе се запрашувам дали навистина лудилото претставува највисок степен на човечката интелигенција. Можеби сум луда, но тој епитет не е доволен одговор на дилемата околу мојата духовна смиреност пред ,,Оливерските испити”. Иако водечка улога игра самодовербата, сепак за тоа зошто не се сомневам во сопствените квалитети – ќе одговорам во духот на Протагора, кој вели:,, Прашањето е премногу сложено, а животот е толку краток. “

Дали навистина мислите дека спартанското воспитување останало да тлее затворено во кутијата на грчката историја!? Ова можат да го афирмираат само луѓето чијшто стапала го немаат вкусено мермерот во дворовите и чија влажност ги нема погалено со болка на задниот дел од бутовите. Ми преовладува двоумење за тоа дали моите години се доволно смели за да ги едуцираат ,,новите мајки”, со цел да им апелирам за потребата да ги оставаат своите деца во плач и неизвесност за да сами го најдат патот до решението и храбро да застанат на свои нозе. Ах! Само кога ќе ја вклучам мемориската касета во ерата на моите почетни одделенија. Наоѓајќи се на скалилото, кое од ден на ден го зголемува својот левел, можам слободно и гордо да кажам: Фала, мамо! Фала за сите искинати листови од домашните тетратки, кои беа преплавени со линии надвор од хоризонтот на квадратчињата, фала што со часови ме оставаше заробена во солзи да ги решавам математичките проблеми. Сè уште ја паметам твојата прва најдетски прикажана битка кај Беласица, која беше предизвикувачка измама за да денес поседувам ум полн со врежани историски векови и срце полно патриотизам! Патем, ќотекот од рајот е излезен – велат старите. Атина била на неколкучасовно возење од Спарта и пак поседувале разлики север-југ, но зарем имаме право да судиме тргајќи од фактот што наша мила Македонија има не часовна, туку триесетгодишна турнеја до соѕвездието на Европскиот Сојуз. Со ова сакам да кажам дека менталитетот е јадрото на едно општество и истото тоа што е длабоко вметнато во традиционалните однесувања е речиси невозможно да се искорени. Но, зар да си ја потценувам и позитивната страна на традицијата која ги поседува сите спектари на обичаи, верувања, боемски ноќи, палци полни верба и срца желни за нови спорстки остварувања и сплотеноста, која и понатаму е нашиот витамин за да и понатаму, рамо до рамо, стоиме бранејќи го нашиот непокорлив идентитет! Не сум ликовен уметник, но љубопитноста ми има резултирано најпрекрасни сцени во главата и дарба истите да ги прикажам на најдобар можен начин. Па, да се фрлиме во вителот на времето!
Додека Сократ ми шепнува на увото дека не постои човек што знае сè на светот, веќе се пробивам низ атинските улици и гледам белобрадесто битие, кое ги доведува луѓето до степен сами да ги пронајдат противреченостите помеѓу доброто и злото, рамноправноста и дискриминацијата, воспитанието за сите и воспитанието за никој, доминацијата на мажите и примораниот, послушен женски нервен систем. Без намера да го смрштам лицето на мојот сакан, тоа битие е мојот Платон. Велам ,,мојот Платон”, зашто неговите теории кохезивно се склопуваат во сложувалката на моите ставови. Па според истите да ви објаснам зошто константно исплукуваме незадоволства и жалби кон нашето државно функционирање. Тоа, мој драги читатели, се должи бидејќи на врвот на државната хиерархија немаме стабилни и професионални филозофи! Кога сме веќе кај државата и образованието како најважен елемент во оформувањето на личноста, не ме држи место, а да не ја прикажам Платоновата теорија за правилно функционирање на една држава по механизмот : глава, гради и стомак.

Глава----Разум-----Мудрост-------Владетели 
Гради---Волја------Храброст----- Чувари 
Стомак-- Апетит--- Воздржаност-- Работници
Атина претставувала семе и цут на науката и медицината. Луѓето биле неуки во најголем процент и не по своја вина ги хранеле своите видици преку група луѓе таканаречени – софисти. Го поминувале времето подучувајќи ги луѓето само доколку имаат да платат и Платон, кој бил целосна спротивност од нив. Атињани го гледале како слободна енциклопедија, ние го гледаме на двоглед како човек со високо поставени хоризонти наклонети кон рамноправноста на жените и нивно активно учество во општеството, а не доживотно слугување на мажот! Во целосна спротивност со Аристотел, кој оправдано или не, сметал дека дејствувањето на жена во општествениот живот е еднакво исто како маж да работи со една рака. Му простувам! Нека биде среќен што мајка ми ме родила аналитичар што не заборава дека самиот тој ги удрил воспитно-образовните темели на нашиот (и само наш) – Александар Македонски и истите резултирале со држење на светот врз дланката на македонското тло!
Поминувало времето, а со тоа се раѓале и промените. Се среќаваме со општества каде изгреваат науките до долини полни со детски черепи како последица на вродените деформитети, со преминување од црковно-феудалниот систем во демократски држави, континентни со глад и континентни со изобилие ... Сепак да си преминам на наша сметка... Топли базени и пријатни спортски сали наспроти типично македонско дете кое вибрира од студ на едвај десет степени за време на спортските активности. Тоа е! Иако немаме толку луксузни услови како скандинавските деца, имаме луѓе – интелектуалци поради кои денес во толкав голем речник, љубов и адреналин го остварувам невозможното кое започнало да се остварува од моментите на всадување на мојата пасија. Мојот дух полн храброст не ме остава со влакна на јазикот, а сетто ова задоволство продолжува да прска и цвета во моето срце. Тоа е големината на филозофирањето и филозофијата со своите осум дечиња (дисциплини), заедно со историјата кои како науки ми имаат дадено до знаење дека е возможно да си само шеснаесет години, а да си личност – легенда вредна за почит! Еднаш филозоф, засекогаш филозоф !

Ива Зарева

28.10.2022

Сподели