Велосипедските тури дел од туристичката понуда на Кратово (ВИДЕО)

Понеделник, 09 Април 2018 08:04 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Велосипедскиот планински туризам е нов адут за развој на туризмот во Општина Кратово. Питомата планина, живописните пејсажи, како и мноштвото природни знаменитости даваат терен поволен за планински велосипедски патеки, отвараат перспектива за развој на велосипедскиот туризам како алтернативна гранка на туризмот.
Во природната убавина на кратовско-лесновскиот крај викендов се уверија амбасадорот на Словачка и заменик-амбасадорот на Украина, кои Велигденските празници одлучија да ги поминат во Кратово. Во придружба на млади бајкери од Кратово и Скопје, амбасадорите минаа 70 километри на велосипед, од Кратово до манастирот Лесново и браната „Злетовица“, и беа презадоволни од она што го доживеаа.
- Ги повикувам сите да дојдат во Кратово и самите да видат каква фантастична инфраструктура има во градот. Имам преубави впечатоци и се надевам дека наскоро пак ќе се вратам во Кратово. Во блиска иднина планирам да донесам поголема група велосипедисти, мои пријатели од Словачка, кои сигурно ќе бидат воодушевени од Кратово – истакна амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркуш.
Пофални зборови стигнаа и од украинскиот заменик-амбасадор Ростислав Палагусинец, кој истакна дека во иднина ќе биде силен промотор на Кратово.
Засега мал хендикеп е немањето обележани велосипедски патеки, но затоа добра вест е можноста од овој викенд викенд па во иднина да се изнајми велосипед во Кратово по симболична цена и да се ужива во убавините на Осоговието.
Овде покрај свежината и спокојот што го нуди Осоговието, туристите можат да уживаат во традиционалната кратовска храна, а збогатувањето на туристичката понуда со нови содржини наменети за авантуристите, на овој регион можат да му донесе нов квалитет во туризмот.
Оливер Арсовски

alt

alt



Сподели