gogo

A+ R A-


Туристичка „фатаморгана“

Туристичка „фатаморгана“

пишува: Оливер Арсовски

Има еден град во кој...

Слика прва: Подзагреани германски туристи јаваат на магариња, во едната рака држејќи лименки „скопско“, а во другата македонски знаменца, додека дедо Трајан и синовите ги рашетуваат по прекрасните планински предели на Кнежево. Прошетката завршува на брегот на вештачкото езеро „Злетовица“, каде баба Перса со двете снаи ги пречека со полн плех качамак и студена матеница.

Слика втора: Група холандски туристи со насмеани лица излегуваат од Сарај-куќата (денешниот Музеј), се спуштаат по басамаците под Грофчанскиот мост и влегуваат во подземните ходници. Локалниот водич Дамјан ги води во извонредно интересна авантура, која по половина час завршува во Саат кулата, од каде им се пружа прекрасна панорама на центарот на градот.

Слика трета: Триесеттина Јапонци, на возраст од над 70 години (Јапонците се познати по својата работливост, а по пензионирањето буквално го „крстарат“ светот), со подотворени усти ги разгледуваат старите кратовски куќи, споредувајќи ги со нивните педесеткатници, се восхитуваат на долговечноста на шествековните борови (инаку, Јапонците се најдолговечен народ на планетата), и се сликаат на Радин мост, воодушевени од легендата за младата кратовка.

Слика четврта: Автобус преполн со Хрвати и Словенци заминува во 4 часот наутро на праисториската опсерваторија Цоцев камен, за да го дочека изгревањето на Сонцето и да се искачи на фасцинантната карпа која пред илјадници години била место каде се изведувале ритуали и верски обреди. Оттука експедицијата заминува на локалитетот Камени кукли, каде скаменетите сватови ги пречекуваат со приказната за момчето кое закажало две свадби во еден ист ден.

Драги читатели, ова не се нереални фантастични слики од некоја далечна иднина.Можеби ситуациите опишани погоре се случуваат ретко, веројатно неколкупати во годината, но, сепак, се случуваат. Кратово доживува туристички бум. Нашиот град со сите туристички потенцијали што ги има, дефинитивно се најде на туристичката мапа на посакувани дестинации на странските туристи. Единствено недостига масовноста на туристите, но тоа се должи на слабата туристичка промоција на градот во пошироки рамки. Затоа, во денешнава колумна одлучив да укажам на неколку неопходни работи кои му се потребни на градот за да оствари финансиски бенефит од туризмот.

1) На Кратово му е неопходна добра веб страница преку која потенцијалните туристи би добиле една позитивна претстава која би била мамка во најскоро време да го посетат. Почитувани претставници на локалната самоуправа, невладини организации, на потег сте вие .

2) Драги сограѓани, подигнете го нивото на еколошка култура, подзачистете ги дворовите, не фрлајте отпад покрај контејнери, селектирајте го сметот. Странците не се навикнати да гледаат ѓубре под прозорец.

3) Не заборавајте да си купите речник или да посетите курс по странски јазици, тоа ќе ви биде неопходно во комуникацијата со странците.

4) Инвестирајте во вашиот дом, преуредете една до две соби, можеби токму Вие ќе угостите некого од странците. Не заборавајте, тие никогаш не тргнуваат на одмор без полн џеб.

За почеток, направете го ова, и следете ја максимата која вели дека она што е наше, ќе си дојде. Кога-тогаш. И секако, не ја симнувајте насмевката од лицата...

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.