gogo

A+ R A-


Градоначалникот Алексовски најавува инфраструктурни зафати во Крива Паланка

alt

Со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој во Крива Паланка ќе се реализираат повеќе инфраструктурни проекти, а заедно со останатите предвидени проекти за изградба на патна и водоводна мрежа ќе бидат инвестирани речиси два милиони евра.

Ова го истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски, кој најави есенска градежна офанзива во општината која ќе опфати изградба на повеќе улици, локални патишта и канализациони и водоводни системи.

- Одобрените средства ќе бидат наменети за реализација на проекти за изградба на три канализациони мрежи, и тоа во село Мождивњак со должина од 4.928 метри, во село Длабочица, 670 метри и 1.403 метри канализациона мрежа во селото Дурачка Река од месноста Маневски мост кон урбаниот дел на градот. Овие три проекти се со вредност од околу 20 милиони денари, посочи Алексовски.

Околу 30 милиони денари пак ќе се инвестираат за изградбата на два локални патни правци. - За патот во село Жидилово во должина од 1000 метри ќе се издвојат 15.033.834 денари од АФПЗРР, а исто така ќе се реши и проблемот со постојниот пат до манастирот Свети Јоаким Осоговски, односно ќе биде изграден нов т.н Руски пат за кој ќе бидат издвоени 14.971.314 денари, додаде Алексовски.

Тој информира дека покрај овие проекти, со средства од околу 10 милиони денари од Севериоисточниот плански регион ќе се асфалтира локален пат во селото Кркља со должина од два километри од Ловечката куќа до езерцата во туристичкиот локалитет Калин Камен.

- Започната е изградбата на канализационата мрежа во „Бојанов дол“ во населбите Баглак и Лозаново, а наскоро ќе биде решен проблемот со водоснабдување на висока зона лев брег со изградба на водоводната мрежа, проект кој се очекува да отпочне со реализација во почетокот на следниот месец, потенцира Алексовски.

Тој најави и изградба на три локални патни правци со средства до ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.