gogo

A+ R A-


Гусларот Досе - жива легенда на манастирот „Св.Јоаким Осоговски“

altВеројатно името Досе Ангелов не ви значи ништо. Но, кога ќе се спомен Досе гусларот, многумина ќе се сетат за кого се работи, но под услов некогаш да го посетиле манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во близина на Крива Паланка. Овој човек кој длабоко навлегол во седмата деценија од животот е легендарен лик, жива икона на прекрасниот осоговски манастир. Продорен тажен звук, како да доаѓа од некои дамнешни мачни времиња, одекнува катадневно во кругот на Осоговскиот манастир. Најчесто во близнина на конаците, по малку срамежлив и со задлабочен поглед седи Досе Ангелов од село Станци, еден од последните гуслари во Македонија.

В рака го држи своето ќемане, или како што милува да го нарекува гусла и се чини како да станал едно со дрвениот инструмент. Тегне со импровизираното гудало врз челичните жици и гледа кон далечината. Таму е речиси цело лето, со надеж дека некој добронамерник ќе му остави некој денар или, пак, ќе му даде ручек, колку да помине денот. Вели дека инструментот е од неговиот дедо и дека поминале сигурно повеќе од 100 години откако од него одекнала првата мелодија. Направен е од оревово дрво. За жици нема пари, па става челични кои ги наоѓа овде-онде.

alt- Свирам од љубов. Од дедо ми го наследив ова ќемане уште како дете и оттогаш не го оставам од рака. Повеќе не може да се најде ваков инструмент, никој не ги прави како некогаш што било и ретко кој свири на ќемане. Можеби сум веќе и последна генерација свирачи на овој инструмент. Младите не се нафаќаат да го свират. Треба, како што се вели, ќемането да ти фаќа, односно да се има талент и желба – вели Досе.

Потекнува од селото Станци и има повеќе од 60 години. Работел во некогашната текстилна фабрика „Карпош-декор“ од Крива Паланка. Во времето на транзицијатастанал технолошки вишок и повеќе не можел да најде работа. Оттогаш единствена утеха му станало ќемането, па преку неговата мелодија си ја искажува маката што ја влече со години.

Кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ Досе доаѓа речиси секој викенд во текот на летото. Свири од љубов кон музиката, но и за посетителите, домашни и странски, кои таму поминуваат. Некој одвреме-навреме ќе му даде некој денар, на што е особено благодарен. Никому не му пречи, па од манастирот го оставаат да ги свири своите песни.

 

телеграф.мк

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.