gogo

A+ R A-


Кратово одбележува 74 години од раѓањето на поетот Чедо Јакимовски

Чедо Јакимовски – кратовското виножито на идните лета

Понекогаш вистинските нешта го покажуваат својот сјај после низа поминати скалила и истуркани камења по високите и нерамни планини на човековата судбина. Како да се издржат сите маки и страдања поминати во тивко постоење меѓу каменото altстудено и темното тешко бреме? Зборот е најсилната прегратка и топлина. Но само искрен и чист збор може вистински да се радува на просветлениот живот. И додека зборот патува и се преведува на сите светски јазици, и на сите пет континенти наидува на отворени врати, ние (пре)малку знаеме за таков голем и кристално чист творечки авторитет што е наша гордост и наше постоење. Да, тоа е нашиот Чедо Јакимовски, којшто во литературната критика го определуваат како поет на сјајот и стравот.

Да пишуваш за поетот и новинар Чедо Јакимовски значи да се соочуваш со најдлабоките човекови длабочини што се претворени во тајни за кои никој не зборува јавно, туку ги крие во раскошниот метафоричен израз на сонетната форма на поетскиот израз. Со секое повторно навраќање и препрочитување на стиховите на поетот Јакимовски се откриваат нови вистини и одблесоци на зборот со кои го потврдува ѕвезденото постоење на поезијата.

Годинава се навршуваат 74 години од раѓањето на Чедо Јакимовски, и  неговиот роденден е главниот повод да му посветиме внимание и да му оддадеме достојна почит и благодарност за неговата литературна дејност.

Поетот Чедо Јакимовски е роден на 22 февруари 1940 година во Кратово. Основно училиште завршил во родниот град, а Учителска школа во Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет на групата за Југословенска литература. Во текот на студиите бил претседател на литературниот клуб „Мугри ’93“, соработувал со весникот „Млад борец“, а подоцна станал и негов главен и одговорен уредник. Во 1966 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Со песните од трите стихозбирки: „Нарциса“ (1966), „Лажно море“ (1971) и „Халеевата комета“ (1986) е застапен во антологиите на македонската и на светската литература. Добитник е на наградата „Млад борец“ година за стихозбирката „Нарциса“, и на наградата „13 Ноември“ за стихозбирката „Лажно море“. Се занимавал со препејувачка и преведувачка дејност со кои е застапен во повеќе периодични и монографски публикации. Починал во Скопје во 1993 година.

Поетот Јакимовски ни оставил вкупно 96 песни што имаат извонреден квалитет, а тоа се потврдува во светски рамки според кои тој се смета за творец на стихови што се блиски до совршенството. Во поезијата се чувствува неговиот сериозен свет преполн со презир и со самотија, растргнат меѓу сопственото време, потеклото и животниот пат. Поетот посветува внимание на звукот и значењето, на формата и содржината на изразот и на тој начин создава свој поетски идентитет до границите на идеалното, зашто според него „песната сама по себе мора да е исклучителна, или воопшто не е песна“. Со затврднато срце се обидува да ја урне „оградата што нè двои од сто непознати света“ и со помирување со судбината дека „морало сето најтака да биде“ подготвен е за каков било крај што треба да дојде. Тој само резигнирано ја прифаќа реалноста, зашто знае дека оној „кој мракот го победил, од светлоста ќе згасне“. И нема солзи, нема слабост, со својата сензибилна природа поврзува сонце и ѕвезди, детски спомен од куќен праг, лик од мајка и лик од татко, спомен за град, за далечна и неостварена љубов, што можеби е Нарциса, Офелија, Евридика, жена, една, таа, некоја... Постојано талка барајќи ги „пределите во кои живее таа“ затоа што „и на најстудените ѕвезди им покажав како се љуби“. Во стиховите ги забележуваме шекспировскиот стих, античката мистика, призвуците од класичната музика и обични зборови што се врамени во душата на песната. На тој начин прави мозаик и како вистински мајстор на занаетот создава поетски филиграни кои се состојат од мали светови полни со недореченост. Често се вели дека за едноставните нешта најтешко се пишува. Своите чувства ги скротува и ги крие зад богатата сликовитост и метафоричност кои кај читателот создаваат синестезија на бои, мириси, поетски слики и звуци што предизвикуваат естетско задоволство. Чудна поетска светлина има во стиховите: „рој светулки што се златат низ магичното зрно време, низ трагичното ситно сито“ коишто нè опоменуваат дека животот е само малку среќа, а многу повеќе болка, осаменост, смрт, тага, немоќност. Јакимовски ни признава дека носи тешко бреме што го истоварува пред свето место. Во отсјајот на ѕвездите и во спокојот на лесновските ѕвона си го пронаоѓа својот мир и ја задоволува гладната душа. Лесновските ѕвона го најавуваат раѓањето на поетот на сјајот и стравот. Не може да ја победи смртта и нема друг излез освен да стане нејзин пријател искрено признавајќи дека е „сам и свој, силен пред сите / поразен пред себе“.

Идентификувајќи се со исконското и со вечното, со верата и со вербата, и со надеж, го одбира звукот на зборот што како ѕвоно удира во нашата душа и нè потсетува на дедовиот завет дека низ маката и страдањето себеси се извишуваме во човечност, во љубов:

„Над нашите извори ѕвездени и чисти / некој сличен оган ќе продолжи да гори / и пак ќе се љубат во идните зори / нови заљубеници на нас слични, исти “

Во чест на ликот и делото на поетот Чедо Јакимовски, започнувајќи од 2007 година, во присуство на значајни литературни творци и љубители на убавиот збор, во Кратово се одржува поетската манифестација „Лесновски ѕвона“ и се доделува наградата „Нарциса“ за најдоброто поетско достигнување.  

Со голема почит, горди и достоинствени, со моќта на убавиот збор да го зачуваме споменот и делото на поетот Чедо Јакимовски. Тој нè обврзува на тоа.

проф. Лидија Ташева

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.