gogo

A+ R A-


Наставниците цел распуст лежат и не одат на работа!!! Дали е вистина???

https://media.licdn.com/mpr/mpr/shrinknp_400_400/AAEAAQAAAAAAAAiRAAAAJDFiOWY4ODJlLWNlYTItNDAyMC04MTAwLWE0YTJhODI3YWVkZA.jpgНа 10 јуни започнува летниот распуст за учениците. Многумина мислат дека истото важи и за наставниците. Замислете, дури и моите дома до пред некоја година ме прашуваа, дали секој ден ќе одам на работа. А секој втор што ме сретнува ми го поставува прашањето „ И што правите сега кога немате деца? Зошто воопшто одите на работа?

Овој текст е за сите оние што не знаат што работат наставниците кога нема ученици. Па да почнеме од почеток.

Уште првиот ден од распустот започнуваат одделенските совети на кои се утврдува успехот и поведението на учениците, потоа следи и наставнички совет. Потоа се пополнуваат извештаи за истото, во извештајот пополнуваш табела со успех по предмети, табела со успех на ученици по национален и полов состав. табела со оправдани и неоправдани изостаноци по пол, осипани ученици, отпишани и запишани ученици, ученици со изречени педагошки мерки итн.

Откако ќе се утврди успехот следува пишување на оцените за крајот на второто полугодие и годишните оцени во дневникот на паралелката, запишување на изостаноците, мерките и средниот успех по ученик. Препишување на сето тоа во главната книга. Истите тие податоци треба да се внесат и во електронскиот дневник и на крај е пишувањето на свидетелствата. Многу е и ако пишуваш бројчани оцени а замислете како е со описните ( една оцена на  има минимум 500 зборови)

И тоа не е се! (во стилот на Топ-шоп )

Следи подготовка на извештајот за работата на училиштето за изминатата година. Значи повторно наставниците и стручните соработници членови на тимови изготвуваат извештаи за:  приоритетите на училиштето, детска организација, естетско уредување на училиштето и училишниот двор, ученичко – училишна заедница, работата на стручен актив на одделенска настава, стручен актив на општествено – јазична група на предмети, стручен актив на природно-математичка група на предмети, за организирање на ученички екскурзии,  културно- забавен живот, црвен крст, професионален развој на наставниците во училиштето, подобрување на следењето на планирањето на наставата и наставниот процес, подобрување на примената на стекнати знаења од обуките, изготвување на ученичко досие, ЕКО, за работа со надарени ученици,  подобрување на квалитетот на додатна и дополнителна настава,  подобрување и продлабочување на соработката со родителите, инклузија на учениците со посебни потреби и емоционални потешкотии, професионална ориентација на учениците,  меѓуетничка интеграција во образованието, превенција од насилното однесување во училиштето, следење, анализа и поддршка на оценувањето, за увид во педагошка евиденција и документација,  за грижа за здравјето на учениците ….

Од сето тоа и уште многу други податоци се составува годишниот извештај што е поголем од отчетот на една влада.

И тоа не е се! Работата на наставниците не завршува тука. Наставниците треба уште и да го пополнат своето професионално досие со докази за посетување обуки, часови со примена на современи методи, со примена на ИКТ, со примена на диференциран пристап, со итегрирани цели од меѓуетничка интеграција, намалување на насилството, ЕКО, професионална ориентација на учениците, тестови со диференцирани задачи, подготовки и докази за одржана додатна и дополнителна настава, учество во проекти, држење обуки, објавени трудови итн.

Е тука веќе се гледа крајот! Нооооооооо , тоа не е се! Веќе е месец јули и новата учебна година опасно се наближува, мораме да почнеме со изработка на новите акциони планови за сите оние горенаведени тимови и полека да ја изработуваме годишната програма за наредната година.

А кога ќе се вратиме од нашиот летен распуст кој завршува негде околу 12 Август ќе имаме време да ги подготвиме нашите годишни и тематски планирања за наставата и предметите кои ги предаваме, да направиме распоред на часови, план за писмени проверки, план за еко активности, план за посети и екскурзии, план за соработка со родители и родителски состаноци, план за слободни активности, план за секции …… иииии сакате ли уште да набројувам или Ви е јасно што работат наставниците кога нема ученици во училиштето?

Одделенски наставник,

Тања Метикош

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.