gogo

12805901 1736726103226190 7018339300294085335 n

A+ R A-


Размислувања за значењето на наставата по Македонски јазик во основните училишта

altСекоја држава има свој приоритет и интерес да го подобри и да го унапреди својот образовен систем, така што постојаните анализи на образованието и барањето на соодветни и практични решенија секогаш се во насока да се поддржува она што е ново и да се одржува она што е добро во образованието. Тоа подразбира соработка со сите субјекти што се вклучени во образованието за да се реагира навремено, да се проценат пропустите и да се изнаоѓаат практични и соодветни активности, сè со цел да се зацврсти квалитетот и да се подобри целокупната образовна дејност. Секоја промена не претставува однапред дадено решение како да се подобри состојбата во образованието, така што анализата на образовниот процес, спроведувањето на искуства од другите земји и следењето на позитивните и/или негативните појави бараат континуирани процени врз основа на кои ќе се преземат идните планирања во образовната политика.

Имајќи ја предвид важноста на предметот Македонски јазик како мајчин јазик во деветгодишното основно образование во РМ со кој учениците ги стекнуваат знаењата од јазик, литература, изразување и творење и медиумска култура, можеме да заклучиме дека тој ја има примарната улога во понатамошниот развој на компетенциите на ученикот. Вербалната способност и употребата на стандарднојазичната норма при изразувањето се основите предиспозиции за подобар општествен статус. Ќе се согласиме дека во изминатата деценија има голем број забелешки за наставата по македонски јазик – содржината на учебниците, несоодветно распоредени наставни содржини по одделенија, пасивна улога на советниците по македонски јазик, немање организирани семинари и обуки на кои ќе има размена на искуства и ќе се слушне мислењето на наставниците за определени прашања.За теоретичарите и практичарите владеењето со мајчиниот јазик и неговата правилна употреба (говор, слушање, читање и пишување) ја наметнува потребата попрецизно да се осмислуваат и да се реализираат сите пристапи и начини на усвојување на јазикот. За разлика од традиционалната настава - во која на учениците им се пренесуваат готови знаења, податоци и факти - во современата настава учениците сами треба да дојдат до заклучокот преку споредување, забележување и сопствено мислење. Во овој случај најдобар ефект при учењето се постигнува кога содржините по јазик ги поврзуваме со останатите три подрачја (литература, изразување и творење и медиумска култура) и со користење примери од секојдневниот живот. Ученикот треба да ги усвои јазичните правила и да ги применува во усното и во писменото изразување, бидејќи тоа е основата што ќе му овозможи учење нови содржини од останатите наставни предмети. Според стручњаците од оваа област, доброто владеење со јазикот на ученикот му овозможува интелигентно да го користи знаењето во новите ситуации или т.н. екстраполација.Сето тоа се поврзува со јазичната култура, односно љубов и почит кон сопствениот јазик, надградување во знаењата и доживотното учење и ќе биде интелектуално ангажиран, ќе ги развива мисловните процеси и апстрактното мислење. Доброто познавање и владеење со мајчиниот јазик е основа за учење на другите јазици, а тоа наметнува потреба да се осмислуваат и реализираат нови пристапи и начини за усвојување на македонскиот јазик и неговата стандарнојазична норма што е од големо значење за развојот на ученикот и за неговиот успех во училиштето.

Македонскиот јазик како мајчин јазик во РМ се јавува во двојна улога – како предмет на образованието и како средство на образованието, односно потребно е да се усвои стандардниот јазик на сите рамништа: граматика, ортоепија и ортографија и да се збогати речникот на ученикот за да може полесно да ја изрази мислата и изразувањето, а оттука произлегува и фактот дека тој ја има најсложената и најважната улога во општеството. Преку јазикот се пренесуваат знаења во времето и просторот, но и инструмент со кој се создава и се дејствува во животот. Јазичното знаење (употреба на јазикот во комуникацијата) и јазичната компетенција (вродена способност за употреба на јазикот) влијаат врз комуникацијата и разбирањето меѓу луѓето.

Ќе се согласиме со ставот дека наставниците што го предаваат предметот македонски јазик во основното образование ја имаат главната улога во образовниот и воспитниот процес на ученикот. Изборот на професијата наставник по македонски јазик значи прифаќање на одговорна работа, постојана наобразба и усовршување во теоретската и во практичната работа. За да се надминат пропустите и проблемите со кои се соочуваат наставниците при својата работа во училницата, потребна е постојана стручна поддршка и усогласени активности на креаторите на образовниот систем (влада, локална управа, инспектори, директори на училиштата) бидејќи т.н. „интелигентна одговорност“ бара многу податоци коишто треба да адекватно да се користат и да се анализираат оценувањето за да се остварат предвидените цели на учењето.

Вреднувањето на постигањата на учениците претставува важен процес што го обезбедува и го гарантира квалитетот на наставата. Наставниците по македонски јазик, стручните лица и служби со својата работа и ангажираност во спроведувањето на образовните реформи постапуваат според законските прописи, правилниците и стандардите за да придонесат да се постигне очекуваниот ефект. Во последните години во Република Македонија вреднувањето на постигањата на учениците предизвика голем интерес, но и бурни реакции кај стручната и пошироката јавност, вклучувајќи ги државните власти, образовните институции, наставниците, учениците, родителите. Различните ставови поврзани со реформите во основното и во средното образование се базираат на воведувањето на промени што треба да внесат подобар квалитет во учењето на учениците што се носители на целокупниот иден развој на државата, но и пошироко. Затоа е потребно да се поддржува добрата практика и да се одржува стабилноста во образованието. Времето ќе покаже дали сегашните реформи се продуктивни и се насочени кон образовниот квалитет како во високоразвиените земји во светот.

                                                                                                                  м-р Лидија Ташева,

наставник по македонски јазик во ООУ „Кочо Рацин“ Кратово

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.