gogo

A+ R A-


Силекс - Брегалница 1-1 (ХАЈЛАЈТС)

Фудбалерите на Силекс уште долго ќе жалат за пропуштената можност да ја совладаат Брегалница и да освојат нови три бода со кои многу побезгрижно ќе ги дочекаа течките дуели во следните неколку кола. Имаа игра кратовци, создаваа шанси за гол, рано погодија преку Дурански, но дозволија само едно мало невнимание и еден прецизен удар на Велковски да ги чини два бода помалку на контото.
Кратовци во мечот тргнаа офанзивно, а првата вистинска прилика ја претворија во погодок. Тимовски вешто се проби по десната страна, нафрли на работ од шеснаесетникот, каде налета Дурански и со полуволеј го погоди десниот долен агол на гостите.
Неколку минути подоцно и Ѓорѓиев упати удар откосо, но за десеттина сантиметри непрецизен. Извонредна можност за зголемување на водството пропушта и српскиот интернационалец Недељковиќ на осум минути пред истекот на полувремето, кога од идеална позиција пласираше под пречката, но Гачевски на чудесен начин одбрани.
По одморот, кратовци продолжија со атаците кон голот на Гачевски, сакајќи што порано да ги тргнат сите сомнежи околу конечниот победник на мечот. За малку тоа ќе им појдеше од рака во 51-та минута, кога повторно Недељковиќ е очи в очи со Гачевски, но овојпат како да се исплаши од гостинскиот голман и шутираше крај дирекот. Не минаа ниту 7-8 минути игра, а веќе нови можности пропуштаат Џонов и повторно Недељковиќ.
Се чини најзрелата можност за 2-0 ја пропушти Крсте Тодоров, кој упати прекрасен волеј од дваесет метри, но го здрма десниот дирек на гостинската екипа.
И во миговите кога штипјани не знаеја каде им е главата, дојде изненадувачкиот израмнувачки погодок за гостите. Една висока топка на пеналтикот домашната одбрана ја расчисти, но таа стигна до осамениот Велковски кој од 17-18 метри ја затресе мрежата на немоќниот Ников.
Ладниот туш дефинитивно се одрази на играта на кратовци, се почувствува психички пад кој гостинските фудбалери го искористија за да ги затворат сите приоди кон голот. Единствената прилка кратовци ја имаа во 88-та минута, кога нововлезениот Костовски од десеттина метри шутираше над голот. Иако до крајот кратовци беа во постојан налет кон голот на Брегалница, сепак тоа беа јалови напади, по кои фудбалерите на Брегалница со кренати глави си заминаа од теренот, наспроти очигледната нервоза во домашниот тим.   Оливер Арсовски

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.