gogo

A+ R A-


Интервју со кратовчанецот Александар Јовановски, студентот на генерација на Медицински факултет

Интервјуто е превземено од порталот „Здравство“. Линк http://zdravstvo24.mk/2015/04/26/najdobriot-student-na-medicina-aleksandar-jovanovski-idninata-ja-gleda-vo-makedonija/
Со просек 9,93 Александар Јовановски од Кратово е најдобриот студент на генерацијата на Медицинскиот факултет во Скопје. За неговиот успех на студиите по медицина на светскиот ден на здравјето доби признание од Македонското лекарско друштво.

DSC_6212

Александар дипломираше мината година и во моментот е на постдипломски студии во Торино, Италија. Во интервју за zdravstvo24.mk вели дека уште од мал сакал да биде лекар. Сеуште не се одлучил што ќе специјализира, но иднината ја гледа во Македонија. Сака да биде успешен лекар во својата земја.

На денот на здравјето добивте признание “Најдобар студент по медицина во 2014“. Како дојдовте до ова големо признание за студент?

Секоја година, 7-ми април, светскиот ден на здравјето традиционално го одбележува и Македонското лекарско друштво (МЛД). На манифестацијата, која годинава се одржа во хотелот “Холидеј Ин”, за своите заслуги добиваат повелби и плакети голем број на лекари, но исто така секоја година се доделува и признание за најдобар студент по медицина кој дипломирал претходната студиска година. Оваа година јас ја имав таа среќа да го добијам ова признание кое навистина многу ми значи затоа што на некој начин е доделено од мојот иден еснаф.
Откако знам за себе, секогаш сум сакал да студирам медицина и да станам лекар. Во различни периоди од мојот живот мотивот за тоа бил различен, но сега како млад човек од оваа гледна точка можам со сигурност да кажам дека основниот мотив затоа што сум ја избрал оваа професија е благородноста која истата ја носи во себе.
Како што најверојатно сите знаат студирањето на овој факултет не е ни малку лесно. Студиите траат долго, најголем дел од испитите се со голем квантум на материјал, па некогаш времето кое е потребно да се спреми некој таков голем испит се мери во месеци. За еден млад човек, кој секако во тоа време од својот живот сака да прави и други работи надвор од факултетот, некогаш е навистина тешко да се усогласи се она што сака да се постигне. Несомнено, студирањето медицина, бара голема посветеност и некогаш одложување на се друго во интерес на студиите. Но, задоволството да се изучува медицината и можноста да се помогне некому, во крајна мера шансата која како лекар секој од нас ќе ја има во иднина некому да спаси живот мислам дека ги оставаат на страна сите искушенија и во текот на студирањето и во текот на работата во иднина.

aleksandar 1Која област од медицината најмногу го привлекува вашето внимание?

Доста интересно, но во исто време и многу тешко прашање, а претпоставувам и тешка одлука кога ќе треба да ја донесам во иднина. Сега за сега, она што доминантно ме интересира е кардиологијата и хематологијата од интернистичките полиња, но исто така многу ме привлекуваат и хируршките гранки. Доста интересна и наука во која гледам многу можности е исто така и патологијата. Сега за сега не би знаел конкретно да одговорам, а најверојатно текот на времето и околностите кои ќе се создадат во даден временски период ќе одлучат која ќе биде мојата идна област од потесен интерес. Но мое мислење е дека медицината се сака во целост, а не само одредени нејзини сегменти. Секако постојат области кои повеќе привлекуваат нечие внимнание од еден или друг апсект, но на крај мислам дека доколку работата како лекар се извршва совесно и со љубов се друго останува во втор план. На крајот на краиштата медицината е тимска работа. Неопходно е лекарите од разни специјалности да бидат во постојана соработка меѓу себе.

Од есента престојувате во Италија, што доусовршувате таму?

Минатата година, во мај 2014 г. добив стипендија од ERAWEB (Erasmus Wester Balkan) програмата. Се работи за стипендија која пред се става акцент на научно истраувачката работа од областа на Јавното здравство и Епидемиологијата. Наменета е за студенти на медицина од партнерските универзитети од земјите на Западен Балкан, меѓу кои спаѓа и нашиот универзитет. Оваа програма нуди можности за студиски престој на недипломирани студенти, можност за мастер и докторски студии, како и за постдокторско усовршување од областа на Јавното здравство и Епидемиологијата. Минатата година која аплицирав, бев редовен студент и аплицирав за Универзитетот во Торино и добив ЕРАВЕБ стипендија во времетраење од 10 месеци. Мојот престој таму започна во септември минатата година и завршува во јули 2015 г., а од јануари оваа година сум вклучен како слушател во мастер програмата на институтот за Епидемиологија. Во текот на овогодинешниот повик за апликација, аплицирав за продолжување на стипендијата и завршување на мастер студиите овде, а резултатите треба да излезат на почеток на месец мај годинава.
Инаку мојот експиримент кој го работам во текот на овој престој во Торино е од областа на онкологијата и туморската патологија. Конкретно се работи за истражување од областа на туморската осетливост и резистенција на терапија со модифициран доксорубицин. За истражувањето се користат најмногу клетки од карцином на колон, но и од други малигни тумори. Од моето досегашно искуство, можам да кажам дека особен впечаток ми остави менторскиот однос и принцип на соработка меѓу тимот. Добиваш потреба обука, конкретно во мојот случај за лабораториска работа и потоа си вклучен целосно во процесот на истражување. Никој не се плаши од тоа дека ти би згрешил. Ако згрешиш ќе напаравиш нова анализа. Во тој поглед, сметам дека тоа е клучниот дел со кој се стекнува самодоверба кај секој млад почетник во било која работа. Кога се чувствуваш дека си целосно интегриран во нешто, ти почнуваш така и да функционираш, а така стекнатото искуство мислам дека е несомнено најдобро.

Кои се вашите планови за во иднина?

По мојот престој во Италија се надевам дека набргу после тоа ќе можам да почнам со специјализација. Би сакал и се надевам дека со многу труд би бил врвен специјалист во областа која ќе ја изберам. Мојата иднина сега за сега ја гледам во Македонија и би бил многу среќен доколку би можел да ги остварам своите замисли во својата земја.

Која е вашата порака за младите кои сакаат да бидат лекари?

Мојата порака најпрвин би се однесувала на започнувањето на студиите. За почеток да научат како да учат. Тоа сметам дека е клучната поента за секој студент. Да се научи процесот на создавање аосицијации и поврзаност меѓу работите. Да се разбере зошто една работа е важна да се научи сега и веднаш, за да се примени потоа. Јас лично никогаш не сум ја подржувал тезата дека теоретското знаење е различно од практичното и дека најчесто едното е паралелно со другото, односно неповрзано. За мене тоа е небулозно. Нема добро применета практика без добра теоретска поткованост. Медицинскиот факултет не е една трка, туку цел маратон за кој треба многу сила, и физичка и психичка.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.