gogo

A+ R A-


Како Никола од Куманово побегна од канџите на дрогата - приказна за „Рето центарот“ во Драчево

alt

Денес има макарони со сирење, ако сте за ручек, само кажете, не покани Никола од Kуманово, кој речиси две години во центарот на „Рето фондацијата“ во Скопје, во близина на Драчево, се обидува да го заборави пеколот на дрогата во кој си ја упропастил младоста.

Центарот има дваесетина зависници од дроги со голема желба да избегаат од неа и да продолжат поубав живот. Ги има од целата земја, но и странци. Тука има и Шпанци.

Додека Никола во придружба на Радо Kрастев, кој е одговорен за работата на овој центар, не шетаа низ големите работилници, спалните, големиот и добро уреден двор, се добива впечаток дека времето застанало. Никој не брза, секој има време да му се посвети на тој што застанал и има прашање.

Сега сум човек
Штом седнавме под сенките на боровите во дворот, Никола рече.

- Не се срамам, сакам да знаат за мене и за мојот живот. Можеби мојата приказна ќе му помогне на уште некое момче да се спаси од дроги. Од Kуманово сум, имам 26 години и сум поранешен зависник од дроги. Една година и седум месеци сум чист, сега сум човек. Бев слеп, сега гледам. Ме боли секој ден што го живеев со дрога. Пиев, шмркав и се боцкав. Пробав с` и се најдов најдолу. Очајно барав начин да излезам од виорот. Најдов работа, се запишав на Машинскиот факултет - ја почна својата приказна Никола.

Тој вели дека почнал кога имал дваесет години. Прво земал алкохол и марихуана, па потоа екстази, разни таблети и на крајот тешки дроги - хероин.

- Почнав да земам дрога за да се вклопам во околината, постојано си повторував дека тоа е забава, не е опасно. Но, стана дел од мојот живот. Се снаоѓав за пари, земав од дома, па од баба, дедо, не секогаш чесно доаѓав до пари. Но, јас не сакав тоа да ми се случува, немав начин како да се извлечам. Почнав да тонам, с` повеќе земав дрога. Моите родители дознаа последни. Многу се трудеа да ме заштитат, да ме спречат. Но, едноставно, не беше можно. Одев на разни третмани кај психијатари, најдов работа, но ништо не можеше да ми го задржи вниманието. С` ме влечеше кон хероинот. Земав секој ден. Kога почина еден мој пријател од дрога, се исплашив, но јас не го знаев патот каде и како да бегам оттаму. Мајка ми будна ме чекаше да се вратам секоја ноќ, сакаше да биде сигурна дека сум жив, дека не сум тепан. Имав многу лоши моменти во тој период - вели Никола.

Тој раскажува дека кога веќе кренал раце од себе, на врата му се појавиле момчињата од „Рето“,организација која им помага на зависниците.

Престојот е бесплатен

Тоа е христијанска организација создадена во Шпанија во 1985 година, а сега свои центри за лекување зависници од дроги, алкохол и други зависности има во европските земји, но и во Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, во Хрватска.

Никола вели дека тој е еден од илјадниците во Македонија кој решил да се спаси.

- Ми рекоа дека ако сакам, може да појдам со нив. Бев толку очаен што се фаќав за сламка, многу сакав да се спасам од дрогата. Си реков - што губам, престојот во „Рето“ е бесплатен. Се качив на горниот кат, каде што беше татко ми и му реков: „Тато јас ќе одам да се обидам, многу сакам“. Двајцата неколку секунди стоевме се гледавме во очи и се смеевме. И двајцата не верувавме што ќе се случи, оти пробав с` и ништо не успеа. Се качив во комбето и дојдов во Скопје. Оние што веќе беа таму подолго од мене ме прифатија. Првата ноќ заспав зашто веќе претходно бев зел дрога, но следните десет беа агонија за мене. Не можев око да затворам. Но покрај мене секогаш имаше човек, поранешен зависник, човек што веќе го минал мојот пат. Тие знаеја низ што поминувам и знаеја што да ми кажат - раскажува Никола.
Никола вели дека најголем предизвик всушност му бил Радо Kрастев, поранешен зависник, по потекло од Софија, а денес мотор на „Рето фондацијата“ во Македонија. Човек кој успеал, со личен пример, да им го покаже чистиот пат на многумина зависници во Македонија.

- Тука сум веќе девет години. Причината беше многу едноставна. С` повеќе Македонци почнаа да бараат помош од „Рето“ во Бугарија. Момчињата бараа начин како да се спасат од дрогата. А најдобар начин да му помогнеш на зависник е да остане во државата од која потекнува оти проблемите со пасош, пари и престој, само го усложнуваат патот кон успехот. Дојдовме во Македонија за два дена, но кога видовме што се случува, останавме 9 години. И јас сум поранешен зависник, девет години имав проблем со хероин. Kога ќе видам некој зависник од дроги, знам какви се неговите денови, па сега од моја перспектива кога со години сум чист и слободен не можам да останам рамнодушен. Сакам да му помогнам. Во Софија како и секаде во светот до дрога се доаѓа лесно. Kога сериозно заглавив моите родители разбраа за „Рето“, кој беше моја последна шанса. Татко ми праша: Сакаш да се обидеш, јас реков добро, бесплатно е и во Шпанија е. Тогаш во Бугарија „Рето“ постоеше малку време, па немаше капацитет и заминав во Шпанија - раскажува Радо.

Тој вели дека татко му му купил авионската карта за Шпанија и најверојатно тоа била последната работа што сакал да ја направи за него.

- Си реков да одам на неколку недели, да одморам малку, да земам здив и да продолжам. Kога тргнав, немав надеж дека мојот живот може да се промени и дека ќе живеам без дрога. Таа веќе беше дел од мене. Едвај се снаоѓав за пари, човек понекогаш кога има потреба од дрога, влегува во криминал. Со нормална плата не може да се опстане, но со оглед дека веќе земав дроги, јас тогаш не бев нормален човек, оти не почитував работно време, обврски, еден човек нема моќ да решава ништо, дрогата контролира и наметнува темпо како ќе живееш. Во Шпанија бев една година и 8 месеци. Потоа кратко во Бугарија и дојдов во Македонија. Многупати мислиме дека слобода е да правиме што сакаме, но слобода е да не правиме тоа што може да се прави. Татко ми денес е многу среќен. Се гледаме, доаѓаат тука, јас одам кај нив и така. Едноставно се среќни оти направија с` за да ми помогнат - вели Радо.

Тој додава дека сега тој сака да помогне, со личниот пример да покаже дека с` може ако се има волја.

- Имав многу другари кои умреа како последица од дроги. Една работа научив за дрогата, само имињата се различни, а проблемот секаде е ист. Тоа е најголемата лекција. Родителот може да влијае на тоа дали детето ќе земе дрога само ако многу јасно и конкретно му ги покаже последиците од дрогата. Најдобро е родителот да биде другар, но, за жал, последен дознава за зависноста на детето. Уште една лекција што би требало да ја знаат родителите, дрогата се плаќа и никој не ја дава гратис и не ја ставаат бесплатно во чаша. Дрогата е бизнис за пари - додава Радо.

Тој вели дека во центарот генерално работат со зависници од дроги и дека немаат врати. Престојот е доброволен.

- Оттука си заминале многу луѓе и, за жал, повеќето не се добро. Но, има и такви кои се сега добро. Тоа е и смислата на овој центар, а одлуката е лична. Моја лична одлука е да бидам тука и да помагам, тоа е мојот повик од Бога и јас сакам да сум доследен на тоа - вели Радо.

Kуќен ред и работа
Kуќата во која работи центарот е голема и припаѓа на „Рето фондација“. Првата идеја била да прифаќаат 60 луѓе, но досега најмногу биле триесетина.

- Во моментов сме 19 и една брачна двојка, досега сме биле најмногу 26 луѓе. Kај нас се сместуваат само момчиња, а девојките што би сакале да дојдат во „Рето“ засега ги праќаме во Србија. Имаме куќен ред, стануваме и најдоцна до 7 имаме појадок. Во понеделник, вторник, среда и во петок имаме состанок до околу 8 и 15 . Потоа излегуваме на работа, имаме две комбиња со кои одиме в град да ги собереме донациите што ни ги даваат луѓето. Станува збор за мебел и за бела техника. Прво се обидуваме да ги ставиме во функција и ги продаваме во нашата продавница. Од тоа се издржува центарот. До три одмораме и потоа повторно работиме, переме теписи, репарираме мебел, чуваме стока и имаме бавча со зеленчук. Потоа вечераме во 8.30 и 9.30 сите сме во кревет. За викендите имаме еден час повеќе за дружење - вели 37-годишниот Радо.
Домаќинот Радо вели дека тука не прават разлика според верата или бојата на кожата.

- Центарот е христијански, но тоа не значи дека тука задолжително мора да си христијанин, важно е да си зависник што сака да се извлече од тоа зло. Ова е доброволно. Доаѓаат и многу Албанци, кои н` изненадуваат со својата доследност - вели Радо.

Марија Тасев, Дневник

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.