gogo

A+ R A-


Турчинот Али Кара потрагата по среќа го донесе во Кратово

Ниту Истанбул, ниту Минхен, туку Кратово е градот во кој сакам да го поминам остатокот од животот. Во ова мало место постои една хармонија меѓу луѓето што ја нема во големите милионски градови и токму тоа ме привлече во Кратово да си купам куќа, вели Турчинот со австриски пасош Али Кара. Тој е роден во Истанбул пред 53 години, а како млад стручњак за проектирање на бродови заминал во Австрија. Пред шеснаесет години во Минхен ја сретнал младата кратовчанка Рамизе, по што се родила љубов која била крунисана со брак. По шеснаесет години заеднички живот, тие заедно со своите деца Хамиде (15) и Хамид (9) одлучиле да купат куќа во Кратово и да се преселат во ова мало живописно градче.
alt-Како што на прв поглед се заљубив во Рамизе, така и Кратово ми го зароби срцето при мојата прва посета. Со својата архитектура, ова мало гратче ме потсетува на мојот роден Истанбул, каде имам куќа и многу роднини, но каде не можам да го поднесам метежот. Овде секое сокаче, калдрма, чешма ме потсетува на родната Турција. Ме привлекоа и луѓето, со топли срца, срдечни и дружељубиви. Иако многу слабо го зборувам македонскиот јазик, чувствувам дека и со малку зборови одлично се разбирам со луѓето. Знаете, Германците се како ладна вода, а луѓето овде имаат срце топло како сонце. Малку време сум во Македонија, но се чувствувам како Македонец. Македонското и турското знаме во нашиот дом сведочат за пријателските односи меѓу двете земји – вели Али.
Засега посетите на семејството Кара на Кратово траат кусо, по неколку недели во текот на летото и зимата. Трајно ќе се населат во Македонија напролет, кога Али поради здравствени причини ќе замине во предвремена пензија.
-Со нетрпение чекам да заминам во пензија и да се израдувам на новата средба со моите драги кратовчани. И децата се возбудени, сакаат што поскоро да тргнат во македонско училиште и да се дружат со врсниците во Кратово. Контактираме со нашите роднини во Турција, дел од нив беа на гости во Кратово. Нема да биде изненадување доколку уште неколку семејства од Турција се преселат во Кратово. Овде живеачката е многу евтина, германската пензија овозможува солиден живот, за разлика од Германија каде едвај би врзувале крај со крај – заврши Али.
Семејството Кара ќе биде единственото турско семејство кое ќе живее во градот на кулите и мостовите. До неодамна во градот живееше семејството Јусеин, но и тие се иселија. Во минатото во Кратово живееле десеттици турски семејства, но по војната си заминале за Турција.     Оливер Арсовски

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=95141024579

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.