Шестгодишната Тина секое утре станува во шест часот за да тргне на долгото и напорно патешествие до своето училиште. Од својот дом во кратовското село Пендаќ до училиштето во Страцин ја делат долги пет километри. Половина од патот го оди со својот татко, а потоа го чека автомобилот кој ја носи до селското училиште. Но, кога ќе заврне, автомобилот нема да дојде, а Тина ја чека пешачење долго пет километри. Маката на малото прваче деновиве стана уште поголема. Есенските дождови и ниските температури ја разболеа, па малата Тина два дена не успеа да отиде на училиште. Наскоро, кога ќе паднат првите снегови, таткото Мартин нема повеќе да ја носи на училиште.
-Детето сега тргна во прво одделение, но нема услови да продолжи да се школува бидејќи училиштето е премногу далеку. Три часа се пешачи, а кога врне е уште полошо. Приморани сме да го прекинеме школувањето на детето, а се плашиме од казна бидејќи таа законски мора да оди на училиште – вели таткото Мартин.
Директорот на основното училиште „Кочо Рацин“ му излегол во пресрет на семејството Алексовски, доделувајќи му простории во старата напуштена училишна зграда во близина на новото училиште. За доброто на својата ќерќа, родителите се сложиле да се преселат во Страцин и да презимат во распаднатата зграда. Но, тука не завршуваат проблемите на четиричленото семејство Алексовски. Во новиот дом со родителите и Тина ќе живее и двегодишниот Дамјан, а условите се катастрофални. Кога врне, распаднатиот покрив пропушта и дождовницата се собира по подот на собите.
- Добивме простории, но немам што да внесам во нив, а во празни соби не се живее. Ние сме четири члена, а живееме од 2.600 денари социјална помош. Не работам никаде, бидејќи нема кој да ја однесе и врати Тина од училиште. Страцин е село на автопат, од тука многу полесно ќе најдам работа, за разлика од Пендаќ, село заборавено и од Господ – вели таткото.
Семејството Алексовски веќе ја прими првата донација, а очекуваат хуманите луѓе со големо срце да помогнат на било кој начин за Тина и Дамјан да имаат нормално детство.
- Согледувајќи ја маката на семејството Алексовски, за кус рок обезбедивме помош во храна, облека, обувки и школски прибор. За почеток, обезбедивме еден кревет, а собираме и средства со кои за неколку дена семејството Алексовски ќе добие нова печка за греење и печење леб – вели Гордана Накова, хумана активистка и претседател на локалниот огранок на Форумот на жени на СПМ.
Семејството Алексовски живее од социјална помош во висина од 2.600 денари. Овие средства не им стигаат ниту за режиските трошоци, а камоли да купат храна, облека или нешто за во куќа. Се надеваат дека во крајпатниот Страцин ќе започнат нов живот кој ќе им донесе благосостојба и среќа. За почеток, Мартин и Жаклина ќе јадат леб и сол, но најважно за нив е нивната Тина да го продолжи школувањето. Оливер Арсовски
Сите што се заинтересирани да донираат мебел, покуќнина или парични средства на семејството Алексовски, можат да контактираат со Гордана Накова или порталот Аберџија

