Градот Кратово за велигденските празници беше домаќин на група млади велосипедисти од Скопје, кои одлучиле на две тркала да се запознаат со убавините на Македонија. Младите авантуристи случајно за запознале на велосипедските тури низ Скопје и на Водно и потоа одлучиле да тргнат на адреналински тури низ земјава.
-Сите возиме точак во Скопје и се запознаваме на еден организиран настан наречен „Критична маса“. Одлучивме да ги прошириме турите и да се прошетаме малку низ Македонија. Така, вчера бевме во Штип и јадевме штипска пастрмајлија, завчера бевме во Свети Николе и јадевме светиниколска пастрмајлија. Денес сме во Кратово и јадеме кратовска пастрмајлија. Уживаме во благодетите на нашата држава и ја истражуваме. Покрај пастрмајлијата, во Кратово имавме задоволство да пробаме прекрасна к’цана сол и уште поубава ракија со некој зачин кој и дава убав вкус – истакна Бојан Ранташа, еден од авантуристите.
Откако го пробаа процесот на приготвување к’цана сол во Шанчева куќа, заминаа за манастирскиот комплекс „св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Оливер Арсовски