Презентирани три проекти, во декември граѓаните на Кратово ќе го изгласаат најдобриот
пишува - Оливер Арсовски
Во хотелот „Кратис“ се одржа и четвртата форумска сесија од програмата "Форуми во заедницата". На оваа сесија беа презентирани трите проекти кои на следната петта форумска сесија ќе бидат ставени на гласање пред учесниците на форумот кои се стекнале со право да бидат гласачи. Првиот проект се однесува на санација на поранешната кино-сала и отварање на мултикултурен центар. Вториот се однесува на отварање на туристичко-информативно биро, а третиот на изградба на спортско-рекреативен центар со трим патеки за рекреирање на граѓаните на Кратово.
Проектите ќе се финансираат со буџет од 4,8 милиони денари, од кои половина ќе ги обезбеди Општината, а другата половина се од Швајцарската агенција за развој и соработка. Целта на "Форуми во заедницата" е да се поддржи процесот на децентрализација и да се овозможи учество на граѓаните во развојот на заедницата на локално ниво. Оваа програма претставува платформа за развој што им овозможува на граѓаните, прво да го подобрат својот живот со сопствени идеи и учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво и второ администрацијата да развие отчетно локално управување преку учество, одговорност и доверба.
Програмата "Форуми во заедницата" во општина Кратово се спроведува од септември во соработка со општината и ЗЕЛС, и финансиска помош од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).