Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков нема да поднесе оставка на барање на неговиот дополнителен заменик. Како што изјави денеска, оставка може да поднесе само ако тоа од него го побараат земјоделците, а тоа, напомена, нема да го дозволи, зашто сам ќе се повлече ако види дека е неуспешен во својата работа.

Цветков му порача на дополнителниот заменик дека решението за земјоделството не е во промените на функциите, туку во идеите.
–Â Прашањето за оставката ми го поставувате веќе четврти пат. Не знам колку е интересно за граѓаните една иста работа да се повторува четири пати. Сметам дека е несериозно барањето на мојот дополнителен заменик да поднесам оставка за работа што се случила во 2010 или 2008 година. Со оглед дека поднел кривична пријава за наводната злоупотреба, да почекаме таа да се процесуира. Ако има какви било неправилности, секој ќе си сноси одговорност, рече Цветков, одговорајќи на новинарско прашање пред презентацијата на резултатите од Проектот за адаптација кон климатските промени.
Министерот потенцира дека тој и неговиот тим се сериозно посветени на работата, а целта и желбите на дополнителниот заменик и неговите советници се да казнуваат и да сменуваат од позиции.
– Се работи за безидејни луѓе кои, за жал, освен што пронајдоа наводна злоупотреба со десет хектари во Битола, не понудија ништо, посебно периодов, кога се прават програмите за претстојната 2016 година иако, веднаш откако дојдоа во Министерството им ја понудив мојата соработка. Им реков дека им стојам на располагање во секое време, но се уште ми се немаат јавено. Но, така впрочем и кажаа, дека не се дојдени да прават програми, туку да наоѓаат грешки, посочи Цветков.
Ако државата ги плаќа овие шест луѓе да наоѓаат грешки, тогаш, додаде министерот, требало да ги распредели во финансиската полиција или некоја друга институција која се занимава со таа работа.
– Ние во Министерството за земјоделство сме тука за да им помогнеме на земјоделците, подвлече Цветков.
Тој информира дека само по однос на последниот повик за земјоделското земјиште се подготвуваат 979 договори поради што вработените од подрачните единици писмено се задолжени директно на терен да ги проверат површините побарани за концесија, дали тие постојат, за да не се случи некаква грешка.
– Грешки, секако, е можно да се направат, но затоа се тука Инспекторатот и правните служби. Секој што намерно прави грешка, ќе сноси одговорност, повтори министерот за земјоделство Цветков.
