Над 200 учесници, млади играорци на возраст од пет до 18 години, викендов продефилираа по улиците на Кратово, како дел од манифестацијата „Ден на културата“. Голем број кратовчани уживаа во звуците на зурлите и тапанот, а за добрата забава се погрижија членовите на седум културно-уметнички друштва од земјава, меѓу нив и домаќинот КУД „Ефрем Каранов“.
-Оваа година имаме повеќе културно-уметнички друштва од земјава. Можам да кажам дека годинава имаме најголема масовност, со гости од дури шест градови и домаќинот Кратово – истакна Живко Крстевски, директор на Домот на културата во Кратово.
Сите учесници на настанот имаа можност да присусвуваат на приготвување и дегустирање на тиганици на саџак, специјалитет кој важи за старо кулинарско наследство на градот Кратово.
Денот на културата во Кратово се одржа по единаесетти пат. Оливер Арсовски

