Жителите на кратовското село Живалево неколку месеци глава не можат да кренат од штетата што им ја прават диви свињи и волци. Овој штетен дивеч кој е под заштита на државата, секојдневно ги вознемирува селаните, правејќи им ненадоместлива штета врз сточниот фонд и земјоделските култури. Последниот инцидент се случил пред два дена, кога поголема група диви свињи предвреме го „обрале“ лозјето на семејството Арсови од Живалево.
-Лозјето е мојот живот, со голема љубов ја одгледувам секоја лоза. Тоа утро тргнав да го посетам, но голема мака ме снајде кога видов што се случило. Стотици гроздови расфрлани по земја, искршени и исчепени лози, уништени млади садници беше сликата која ме пречека. По првичниот шок, се соземав и набргу по стапките во меката земја утврдив дека се работи за диви свињи. И тоа не една, туку десеттици, бидејќи една поголема површина од неколку декари беше буквално преорана. Дополнителен шок доживеав кога видов дека свињите ми ја уништиле и бавчата, десеттици тикви и лубеници беа нагризани, а пиперот изгазен – вели сопственикот Ѓорѓи Арсов.
По пријава на оштетениот, на терен излегле земјоделски инспектор и ловочувар од ловното друштво „Буковец“. Од подрачната единица на Министерството за земјоделство се прогласиле за ненадлежни, бидејќи отшетета следувала само доколку штетата е направена од мечка или срни, но не и од диви свињи. Од ловното друштво исто така кревале раменици, избегнувајќи одговорност.
-Барам некој да ми ја надомести штетата или да ми дозволат сам да си го бранам имотот од штетен дивеч. Купив ласери, свирчиња, дури и вувузела користам во ноќните часови за да ги растерам штетниците. Со пушка не смеам да се бранам од дивите свињи, затоа што ќе заработам пријава, а ловното друштво не сака да ги прихранува дивите животни во природата за да не доаѓаат во моето лозје. Дополнителен проблем се волците, кои заклаа десеттина загари и кози во селото. Вака веќе не може, претрпев голема штета и барам правда – вели Арсов.
Според проценката на земјоделскиот инспектор, уништени се најмалку 1,5 тон грозје, а приносот ќе биде десеткуван и вгодина поради оштетените лозници. Оливер Арсовски

