Патот до врвот ниту е лесен, ниту е краток, но е достижен. По таков пат тргна кратовецот Дени Доневски и веќе почна да ги собира плодовите на својата макотрпна, но креативна работа. Доневски, кој инаку е специјалист за јавни односи, маркетинг и масовни комуникации на Walter Cronkite School of Journalism and Mass Communication во Феникс (САД), деновиве доби огромно признание за неговата макотрпна работа. Неговиот проект за брендирање, маркетинг и ПР-кампања за заеднички продукт на гигантите INTEL и APPLE победи на конкурсот, во конкуренција на 15 престижни американски Универзитети.
-Проектот беше во областа на креирање целосна маркетинг и ПР кампања за новиот софтвер-систем што ќе го користи новиот I-Phone 6 и новата линија на I-Pad. Теоретскиот дел на проектот го изработија моите две соработнички, а практичниот дел е мој. Известен сум дека ја добив првата награда на конкурсот, која прецизно гласи „Meredith Award for Inovation in Marketing and Developing Brands“. Веќе ги почнавме и подготовките за презентација на нашиот софтвер во славната КОДАК театар-арена во Лос Анџелес, каде што се доделуваат филмските Оскари. Настанот го очекувам со нетрпение, а ќе се случува на 15 мај оваа година - ги пренесе Дени Доневски своите впечатоци за читателите на АБЕРЏИЈА. Оливер Арсовски

