Дедо Љубе од кратовското село Којково, кој во минатата недела се спаси себеси и сопругата од двајца насилни разбојници, им ги спасувал животите и на селаните и на планинарите заталкани и премрзнати во снеговите на Осогово.
Им помагал и на своите колеги-рудари кои биле затрупувани во злетовскиот рудник, го ризикувал животот и кога други тоа не сакале да го направат за да ги извлечат од јамите починатите другари.
Но, на дедо Љубе и на неговата сопруга немало кој да им помогне во средата вечерта. Тој за „Дневник“ раскажува како со бабата сами во селото каде што неколкуте соседни куќи се оддалечени со километри останале на немилост на двајца разбојници кои влегле во нивниот дом за да ги ограбат. Тепан и малтретиран дедо Љубе се помирил со судбината, но безграничната љубов кон својата сопруга го натерала уште еднаш да даде се од себе и да помогне како и многупати претходно, но овој пат цената за тоа била страшна - да земе туѓ живот.
Продолжението на приказната е добро позната. Драмата завршила со убиството на Зоран З.(28) од селото Пантелеј и со ранувањето на неговиот ортак Б.И.(28) од село Поплаки, во кои Љупчо М.(73) испукал два патрона од ловечка пушка. По сила на законот, полицијата против старецот поднесе три кривични пријави, за убиство, за обид за убиство и за нелегално поседување оружје.
Сепак, дедо Љубе не бил притворен и по дадениот исказ пред истражниот судија бил пуштен дома. Таму и го најдовме, два дена по немилиот настан.
Дедо Љубе го познаваат во Злетово, во Кратово, во Пробиштип... Планинари, шумари, ловџии и добронамерници секогаш биле пречекувани со чаша вода и со ракија во неговиот скромен дом. Затоа не беше тешко да го најдеме. По два часа одење пеш по тесниот шумски пат низ планинските сртови низ кои е расфрлано селото Којково стигнавме до старата селска куќа. До неа водеа трагите од гумите на полициските џипови, врежани длабоко во калта како единствени знаци дека нешто се случувало во овој напуштен дел од Осоговието. Куќичката речиси и да не се забележува се додека не стасате до неа. Таму, на надморска височина од над 1.200 метри живеат дедо Љубе и баба Царка, која е неподвижна, а друштво им прават една коза и јарињата - Шаре и Сиве, како што ги вика старецот.
Не пречека како вистински домаќин и ни понуди чаша вода да се окрепиме, изненаден дека некој дошол пеш до горе. Искрената насмевка на дедо Љубе ни ја оттргнува непријатноста од погледот на крвавите рани на живото старечко лице.
Сепак, големите како мастило обоени модринки на рацете и засечените зглобови на нозете кажуваат колку болка и напор требало за да се извлече од јажето со кое бил врзан. Додека насилниците во една од собите ја малтретирале старицата барајќи пари, дедо Љубе се извлекол низ другата врата и од подрумот ја извадил старата ловечка пушка. Веднаш се вратил назад и на вратата го начекал Зоран кој во рацете држел моторна пила подготвен да нападне. Арамиите не биле ни свесни дека тоа е старецот, мислејќи дека тој се уште врзан лежи во другата соба. Тие слушнале звуци, па плашејќи се дека дошол некој од соседите се подготвиле да нападнат. Но, звукот од брчењето на моторната пила го прекинал истрелот од сачмарката. Зоран паднал како покосен на прагот, а дедо Љубе кон силуетата на другиот разбојник го истрелал и вториот куршум од двоцевката. Арамијата, иако ранет успеал да избега.
- Што да кажам, морало така да биде. Многу голема среќа имав што јажето беше меко и успеав да го оттргнам од рацете, а во подрумот стоеше таа стара пушка на дедо ми. Се исплашив, си реков готово е. Но повеќе се исплашив за бабата, си мислев мене ќе ме отепаат, таа ќе остане сама - ја почнува приказната дедо Љубе. (повеќе во утрешното печатено издание..)
Текст: Игор Шегавиќ
Фото: Маја Златевска