Фрчат казни за брзо возење, но кратовци барем не пијат кога возат

Недела, 06 Март 2022 21:18 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати
alt

Во зајакнати полициски контроли спроведени на 4 и 5 март на подрачјето на општините Куманово, Крива Паланка и Кратово, службениците од Секторот за внатрешни работи Куманово изрекле вкупно 125 санкции за управување со моторно возило под дејство на алкохол и за брзо возење.

-Во период од осум часа, од 21 часот вчера до пет часот утрово, на територија на СВР Куманово  спроведена е зајакната акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило под дејство на алкохол, при што се санкционирани  25 возачи, од кои 23 во Куманово и двајца во Крива Паланка. Што се однесува на изминатото деноноќие, 4 март 2022 година, на територија на СВР  Куманово  во акциска контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возило со брзина поголема од пропишаната, санкционирани се 101 возач. Од нив 72 на територијата на општината Куманово, 14 во Крива Паланка и 15 во Кратово, информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи Куманово, Ивана Младеновска.

Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови.

– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, дополни Младеновска.

Сподели