Директорот на акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов денеска во просториите на регионалната канцеларија на претпријатието во Куманово, им врачи клучеви и договори за закуп на станови на две лица од Кратово, кои при недоманешната посета на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во овој град побараа да им се реши станбеното прашање.Станови добија кратовците Ѓорѓе Петров и Бобан Петков, кои ќе плаќаат симболична закупнина од 35 денари за метар квадратен за станови од 76 метри квадратни. Двајцата закупци се задоволни од брзата реакција на надлежните во рeшавањето на нивниот егзистенцијален проблем.
- По запознавањето на претседателот беа разгледани нивните прашања во комисијата при Владата и беше донесена експресна одлука, истакна директорот Грозданов.
Тој објасни дека двајцата кратовци, заедно со уште две семејства од тој град, при неодамнешната посета на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски,укажале дека имаат поднесено барања до комисијата за станбени прашања при Владата,при што посочиле дека немаат основни услови за живот, и влегуваат во категорија на социјално ранливи граѓани.
- Разгледани се можностите, нивните документи и е донесено позитивно решение во однос на двата случаеви, но и двата други се разгледуваат, сметам дека и тие позитивно ќе бидат решени, нагласи Грозданов.
Петров и сопругата и нивните четири деца живееле во станбен објект заедно со други семејства.Тие сега ќе добијат стан од 76 метри квадратни и ќе плаќаат закупнина од 35 денари за метар квадратен. Бобан Петков, со сопругата и едното дете живеел под кирија во Кратово, исто така, денеска склучи договор за закуп на стан.Тој очекува второ дете и задоволен е од оваа одлука.
- Тоа е симболична цена, која е прифатлива за нив, цена која е симболична и е согласно нашата методологија за издавање под закуп на вакви станбени објекти, кои ги даваме за социјално ранливите категории, изјави Грозданов.
