Груевски од Кратово: Нема веќе регистрација на трактори секоја година, туку на две

Сабота, 27 Февруари 2016 16:15 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

altЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска беше во посета на Кратово и Страцин, изврши увид во градежните работи за изградба на спортска сала во Кратово и улица во село Страцин. Реконструкцијата на улиците во должина од еден километар се прави со средства во висина од околу седум милиони денари кои Општината ги има обезбедено преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Преку оваа Агенција, како што истакнаа надлежните од Општината, имаат искористено околу 40 милиони денари, средства кои, како што посочија, се доста значајни за малите општини бидејќи со нив се решаваат низа проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Груевски најави низа измени на законите, кои ќе бидат од корист за граѓаните. Технички преглед за трактори и комбајни ќе се врши на секои две години, а за мултикултиватори и приколки на секои четири години, додека регистрацијата на земјоделската опрема и механизација ќе се врши на секои шест години. Ова е овозможено со измените на Законот што минатата недела беше усвоен од страна на Собранието на Република Македонија.

alt– Тоа е едно ветување кое го дадовме минатата година и веќе Парламентот го усвои минатата недела. Земјоделците беа премногу оптоварени од тоа што земјоделската механизација требаше да ја регистрираат секоја година, а тоа за нив се големи трошоци, изјави Груевски..

Тој посочи дека исто така е пролонгиран за уште една година и рокот за легализација на земјоделската опрема и механизација.

– Ги повикуваме сите оние коишто во минатото не стигнале да ја завршат легализацијата на тракторите, комбајните, мултикултиваторите, приколките и слично тоа да го направат сега, рече Груевски.

Во мај или најдоцна во јуни се очекува да почне изградбата на гасоводната мрежа од Штип до Неготино и од Скопје до Тетово. Двете гасоводни мрежи ќе бидат во должина од 110 километри и за нив ќе бидат инвестирани 46 милиони евра.
Тендерот за гасоводната мрежа од Штип до Неготино, како што информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, е веќе завршен и во тек е процесот на евалуација на понудите, а тендерот од Скопје до Тетово е во тек и треба да заврши на 10 март.

На тендерот за изградба на гасоводната мрежа од Штип до Неготино понуди доставиле седум компании, од кои, како што посочи Груевски, четири компании имаат потполна документација.

– Мислам дека работите добро ќе се одвиваат затоа што се поставени на вистински основи. Ова е т.н. втора фаза. Следува натамошна фаза со која ќе се продолжи од Тетово до Гостивар и Кичево и од Неготино до Прилеп, Битола, Охрид. Се планира кон сите поголеми градови да се продолжи изградбата на гасоводната мрежа, изјави Груевски при денешната посета на Кратово.

Тој додаде дека при крај е и изградбата на гасоводната мрежа од Клечовце до Штип која се очекува да заврши најдоцна до јуни.   О.А.

alt

Сподели