Хорор во „Павленцева куќа“: Петчлено семејство од Кратово живее во кошмар

Среда, 30 Март 2016 11:55 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

altЖивотот на Славица и Сашка Павловски од Кратово е едноличен. Триесет години наназад денот им почнува на ист начин, мајката Славица ја зема на грб својата ќерќа и од вториот кат ја симнува во дворот пред куќата. Да вдиши чист воздух, да види сонце. Кога Сашка била мала, а Славица млада, качувањето и симнувањето и не било некоја тешкотија. Но, сега Сашка има 30 години и педесеттина килограми, а мајката Славица ги троши последните атоми од силата за да ја симне барем еднаш во денот на пролетното сонце.
-Немам сила веќе да се борам со маките што ги трпам секој ден. Ќерќа ми Сашка од раѓање е со церебрална парализа, но има силна желба за живот. Сака да излезе на сонце, да види луѓе, да му се радува на животот. Ќе ја земам на грб и ќе тргнеме по тесните скалички. Кога имам сила, некако ќе се довлечкаме до приземјето. Вистинските маки почнуваат кога со товар од педесет килограми ќе тргнам да ги искачувам стотината скали. Честопати силата ќе ме издаде и заедно со ќерќа ми се струполуваме на скапаните дрвени скали – со солзи во очите раскажува Славица.alt
Но, ниту една несреќа не доаѓа сама. Семејството Павловски од Кратово имаат благодет да живеат во познатата „Павленцева куќа“ која е вистинско архитектонско ремек-дело, но и проклетство секоја вечер да легнуваат со помислата дали ќе се разбудат во урнатини. Куќата прокиснува од сите страни, ѕидовите се напукнати, прозорите искршени. Во неа, покрај Славица, живее нејзиниот сопруг Николче, нивната ќерќа Наташа и внукот Христијан.
-Секој ден минуваме низ пекол. Иако е под заштита на државата како споменик на културата, куќата е во финална фаза на распаѓање. Изградена е 1898-ма година, до денес издржала 118 години. Живееме во страв дека секој миг ќе се урне. Ѕидовите се испукани, преку зима ги полниме пукнатините со партали за да не измрзнеме. Дрвените прозори скапаа, почнаа стаклата да испаѓаат. Живееме од скромната плата на сопругот Николче, а таа не стига само за сметки и лекови. Од неодамна се врати и ќерќата Наташа, која е самохрана мајка. Внукот Христијан е првооделенец, тој е единствениот лек за депресивните денови на Сашка – со солзи во очите ни раскажува Славица.
Зрак светлина во целата приказна за семејството Павловски од Кратово фрла одлуката на Министерството за култура целосно да ја обноват куќата на Павленцеви. Иако планот превидуваше почеток на реставраторските активности на почетокот на пролетта, такво нешто засега нема да се случи.
alt-Се израдувавме како мали деца кога слушнавме дека државата ќе ни ја обнови куќата за да ја спаси од уништување. Но, радоста кратко траеше, бидејќи од Министерството бараат за време на градежните активности да се иселиме. Баравме социјален стан од државата, но не добивме. Пари за кирија немаме, а тоа значи дека остануваме под стариот прокиснат покрив, со надеж дека Господ ќе не чува од зло – вели Славица.
автор: Оливер Арсовски

Сите хумани граѓани кои сакаат да му помогнат на семејството Павловски од Кратово, тоа можат да го сторат на следната трансакциски сметка:
Сашка Павловска
320-50002272303
Централно-кооперативна банка Кратово

Сподели