Марјанчо Колевски е роден на 29 мај 1968 година во Кратово. По професија е дипломиран шумарски инжињер. Беше директор на ЈП „Македонски шуми“ подружница Кратово, а подоцна и заменик-директор на ЈП „Македонски шуми“. Ја извршувал функцијата Претседател на Советот на Општина Кратово. Во периодот од 2008 до 2011 година беше пратеник во Собранието на Република Македонија, функција која успешно ја извршуваше цели три години.
На претстојните парламентарни избори Марјанчо Колевски повторно е кандидат за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во третата изборна единица како 13-ти на листата. Порталот www.aberdzija.com на своите читатели им нуди ексклузивно интервју со Колевски, во кое ќе можете да прочитате за неговата визија за иднината на Кратово, за перспективата која им ја нуди на младите и за неговата прогноза за претстојните избори.
1. Со кои изборни ветувања ќе се обидете да ја добиете довербата на гласачите во Кратово?
- Довербата на гласачите во Кратово ние ја веќе имаме, а тоа го докажавме и на претходните избори и во првиот круг за претседателските избори на кои граѓаните направија разлика, разлика од 123.000 гласа на територијата на Македонија и разлика од 2.170 гласа во Кратово. Секако, таа доверба која што ја добивме и ќе ја добиеме од гласачите во Кратово се темели врз довербата во претседателот Ѓорге Иванов, кој со својата искреност и чесност докажа дека е достоен претседател на РМ, и Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014-2018 година, во која се наведени идните проекти за Кратово кои треба да се спроведат во наредниот период. Во програмата на претседателот и програмата на ВМРО-ДПМНЕ има само проекти што може да се реализираат, за да можеме подоцна да поднесеме отчет за нив, и затоа ние ја добиваме довербата на гласачите. Еве ќе споменам неколку од многуте проекти кои се предвидени за Кратово: Проект за индустриско технолошка зона, со овој проект се предвидува изградба на идустриска зона во Кратово; потоа изградба на патната делница Коњух-Бељаковце и реконструкција на постојната делница Бељаковце- Крива Паланка: отварање на рудникот во Плавица (Црн врв) кој се очекува да започне со работа во текот на 2017 година каде ќе бидат ангажирани најмалку 300 работници; озградба на локалниот пат Кратово- Каврак (браната II дел) во должина од 2873м; локален пат кој ќе го поврзе Пробиштип со Кратово преку с.Добрево; изградба на експресен пат Ранковце- Куманово за идно прераснување во автопат. Изградба на училишна спортска сала на ОУ„Кочо Рацин“ Кратово; исто така еден од побитните проекти на Владата е еднократното отпишување на долговите на најранливите категории на граѓани и многу други.
2. На кои проекти реализирани во Кратово сте посебно горди?
- Во изминатиот период беа реализирани повеќе проекти во нашиот град, како на пример: реставрација на старата турска чаршија, на кулите, на стариот амам -турски затвор, и на многу други стари градби во Кратово, со што овој проект сеуште не е завршен и ќе се реализира и во наредниот период; Изградба на колектор и уредување на речното корито на Кратовска река во централното градско подрачје; Реконструкција и асвалтирање на локални и селски патишта; Изградба на ново тениско игралиште во општина Кратово; Изградба на комбинирано спортско игралиште во с.Трновац; Застаклување на спортска сала и промена на подот со нов спортскиот под; Реконструкција и адаптација на кино сала во Кратово; Изградба на мост на Крива река во с.Куклица, изградба на канализација во с. Страцин и с. Туралево изградба на нов водовод од с.Сакулица до с.Шопско Рудари во должина од 11 км и многу други.

3. Која е вашата визија за иднината на Кратово? Во кои сфери на живеењето сметате дека Кратово има светла преспектива?
- Па, како што одговорив и на претходното прашање, во програмата на Владата се предвидени многу проекти за Кратово. Како прво јас Кратово во иднина го замислувам како град со многу мал процент на невработени лица, на тоа веќе се работи, премиерот Никола Груевски веќе најави една инвестиција во северо-источниот регион, која веќе е во завршна фаза каде што ке се вработат околу 5.000 луѓе, исто така отварањето на рудникот на Плавица, каде е во тек подготовката на техничката документација за добивање на концесија за експлотација и ќе се вработат околу 300 луѓе, веќе е најавено и отварање на нов погон за кондури во кој се планираат околу 200 нововработени луѓе, каде сигурно невработеноста во нашиот град значително ке се намали, и верувам дека и луѓето кои веќе се иселиле од овој град повторно ќе се вратат во своите домови. Кратово во иднина исто го замислувам како град кој ке биде уште поголема туристичка атракција, кој ќе привлече уште повеќе туристи, а со тоа ќе се зајакне и економската стабилност во градот.
4. Кој е концептот што ќе им го понудите на младите за да ги задржите во градот?
- Најбитно за нашиот град и за младите од нашиот град е тоа тие да останат во нашиот град, тука да ја градат својата иднина и тука да основат семејства. Значи ние во наредниот период ќе се трудиме на младите да им обезбедиме работа и егзистенција во овој град, веќе ги споменав проектите со кои ќе го постигнеме ова. Исто тука спаѓаат и проектите кои се битни за младите а тоа се: за изградба на спортската сала, реконструкција на ОУ „Кочо Рацин“, проектот за изградба и опремување на фудбалските игралишта со вештачка трева, во кој се планирани и игралиштата во Кратово, изградба на повеќенаменско игралиште во с. Кетеново, исто така битен е и проектот за станови и куќи за станбено необезбедени лица, млади брачни парови,лица со посебни потреби, самохрани родители, самци и други лица. Освен овие сигурно ќе реализираме и уште многу други проекти со кои ќе биде опфатена младата популација во Кратово.
5. Која е вашата прогноза за парламентарните избори во недела? Дали сте оптимист дека владеачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе освои 13 пратенички места во третата изборна единица, што практично ќе значи втор пратенички мандат за вас?
- Па искрено мислам дека не 13 пратенички места, ние во третата изборна единица ќе освоиме и повеќе од 14 пратенички места, со што јас секако добивам втор пратенички мандат и секако ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата во парламентот на РМ овојпат ќе влезат со 63 пратенички места. Така да во недела очекуваме голема и историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија. И со таа победа ние на сите граѓани на Македонија, а јас лично на граѓаните на Кратово им ветувам се што е ветено во оваа програма на ВМРО-ДПМНЕ, се тоа ќе биде остварено во тие рокови во кои е ветено дека треба да биде реализирано, затоа што ние стоиме на зборот, затоа што со нас сте на проверено. Оливер Арсовски
