Најчесто ги фрламе, во месара ретко ги има, а се вистински гастрономски специјалитет. Кој не пробал, во сабота во ресторанот „Куклица етно“ ќе има прилика да проба бели бубрези, стручно кажано тестиси, а народски речено мадиња од животни. „Мудијада” е гастрономски фестивал на готвење јадења од бели бубрези, во организација на здружение Кингмарколенд, кое ја негува традицијата од времето на Крале Марко.
-Фестивалот на храна подготвена од бели бубрези претставува откривање на рецепти од заборавени древни јадења, кои некогаш се подготвувале на овие простори. Малкумина знаат на пример дека Марко Крале јадел специјалитети богати со протеини кои се идеален афродизијак. Поентата е да собереме што повеќе древни традиционални рецепти, да ги оживееме но, и да се забавуваме. Шегобијната манифестација ја организираме во соработка со МУДИЈАДА од Србија, фестивал кој нашите соседи го организираат неколку години по ред. Ги покануваме сите заинтересирани да дојдат во “Куклица етно” и за симболични 200 денари да вкусат храна од бели бубрези и поминат убава вечер со музика, информира претседателката на Кингмарколенд, Гордана Јанакиевска.
Ќе се готват свински, телешки, јагнешки, биковски бели бубрези по разни рецепти. Пред готвењето најчесто се прави маринада од вода, оцет, лук, кромид, сол, мајчина душица и разни зачини. Во оваа маринада стојат 24 часа и потоа се спремни за подготовка. Потоа се динстаат, пржат или варат, а јадењата се толку вкусни, прстите да ги излижеш, на смеа вели нашата соговорничка. Белите бубрези се продаваат во кланиците и во месарниците, но ги нема секаде и секогаш, па најчесто се нарачуваат однапред. Од нив се прави гулаш и тоа, велат готвачите, многу вкусен, а кога се пржат тогаш се готват на домашна животинска маст.
Храната од мадиња ја бараат и ја јадат политичари, порноѕвезди, познати личности, но и обични луѓе. Богати со тестостерон, се верува дека овие органи од животни се одлични афродизијаци.
