Кратовчани по десетти пат уживаа во поезијата на „Лесновските ѕвона“ (ВИДЕО)

Сабота, 11 Јуни 2016 19:04 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

„Лесновските ѕвона“ јубилејно, по десетти пат, ѕвонea во родното место на големиот македонски поет Чедо Јакимовски. Големите бардови на македонската поезија викендов беа во Кратово во чест на големиот мајстор на сонетот, кој во својот кус живот напиша само три книги, но влезе во аналите на македонската поезија. Инспирирани од поезијата на својот прерано починат колега, Михаил Ренџов, Ристо Лазаров, БратиславТашковски и многу други писатели му оддадоа почит во родното Кратово.
-Тој е еден од ретките македонски поети, познат и признат не само во земјава, туку и на просторите на поранешна Југославија, па и во светот. Неговите песни се застапени во повеќе светски антологии, што говори за нивните естетски квалитети. Годинава беседа за Чедо Јакимовски одржа поетот Ристо Лазаров, а сеќавања евоцираше амбасадорот Владо Петковски. Наскоро, а најдоцна до Нова година од печат ќе излезе и алманах по повод десетгодишнината од оваа поетска манифестација – истакна Живко Кондев, организатор на манифестацијата.
Додека се читаа поетски творби и се слушаа песните на кратовските тамбураши, ликовниот уметник Живко Цветин сликаше цвеќе со пораки за мир во светот.
Во вториот дел на манифестацијата поетите читаа творби во мнастирскиот комплекс „Свети Гаврил Лесновски“, а се сретнаа и со манастирското братство.   О.А.

alt

Сподели