Стотина тегли со конзервирана храна и зимница се собраа на плоштадот во Кратово како резултат на проектот „Општинско – корисна работа“, кој втора година се спроведува од страна на Општина Кратово. Под мотото „Заедно сме посилни“, организаторите поттикнаа поголем број граѓани и ученици да ја покажат својата хуманост и да донираат дел од својата зимница на семејствата кои се сиромашни во социјален ризик.
-Акцијата ја организираме за да им помогнеме на социјално загрозените семејства, на самохраните родители и слични категории на граѓани. Центарот за социјални работи во Кратово во понеделник ќе ни достави список на лица на кои им е најнеопходна помош во храна и ние лично ќе им ја доставиме. Дел од граѓаните доставија свежо овошје, компири, крем за дечињата и можам да кажам дека сум задоволна од одзивот на граѓаните – вели Бојана Ристова, учесник во проектот „Општинско – корисна работа“.
Најголем дел од зимницата ја обезбедија учениците и вработените во средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“, кои, како и многупати досега, ја покажаа својата хумана страна.