Во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева - Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е Света Петка - Римјанка, втората Света Петка од Иконија и третата Света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и се празнува на 27/14 октомври, и поради тоа и другите две се идентификуваат со неа. Ефтим Спространов во записите на обичаи и верувања од Охрид сведочи дека се правело разлика меѓу Петковден, празникот во октомври и Света Петка од 26 јули (стар стил). Тој уште сведочи дека на овој ден од градот и од селата оделе на манастирот посветен на Света Петка во близината на Охрид.
Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхирстијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева значи подготовка.