Кратовци плаќаат ТВ такса, а 20 дена не гледаат МТВ

Вторник, 07 Август 2012 20:22 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Жителите од општина Kратово се жалат дека подолгo период не можат да ја следат програмата на МРТ. Некаде воопшто нема прием, а некаде сигналот за јавниот сервис е крајно лош, реагираат граѓаните, но затоа пак сметките сметките за радиодифузна такса редовно пристигаат кај секое домаќинство. Дел од нив реагирале до МРТ и до Советот за радиодифузија.

altВо МРТ велат дека од кај нив излегува квалитетен сигнал и оти граѓаните за проблемите со приемот треба да се обратат до ЈП „Македонска радиодифизија“, која е задолжена за преносот на нивниот сигнал.

- Никаде во градското подрачје на Kратово нема програма на МТВ цели три недели. Од општината официјално се јавувавме на контакт телефоните во МРТ, но оттаму никој не одговара - велат од локалната самоуправа во Kратово.

Со овој проблем само во градот Kратово се соочени околу 7000 лица, а заедно со селските населби нема програма за околу 10 500 жители, колку што брои општината. Сметките за радиодифузната такса редовно пристигаат кај сите и досега никој не е ослободен поради немањето сигнал или неговиот лош квалитет.

Во „Македонска радиодифизија“, која е задолжена за преносот на јавниот сервис, велат дека секој проблем со приемот на сигналот мора да се пријави на бројот (0) 2 3297 170 во нивниот контакт центар за корисници кој работи 24 часа.

- Kај нас не е пријавен таков проблем, но уште денес ќе ја испитаме ситуацијата со јачината на сигналот во тој регион. Неопходно е граѓаните да го пријават секој проблем со лошиот сигнал на вистинското место во нашиот контакт центар за да може брзо тој да се отстрани. И покрај годишните одмори имаме доволно луѓе кои може да реагираат за да нема вакви проблеми - вели Јулијана Спировска, директорка на „Македонска радиодифизија“.

Вчера никој не сакаше да коментира дали граѓаните кои не можеа да ја гледаат МТВ ќе мора да ја платат радиодифузната такса за овој месец ик каде треба да се обратат за овој проблем. Наплатата оди преку Управата за јавни приходи, а МРТ кај која оди поголемиот дел од овие пари е задолжена за спискот со претплатниците. За ослободувањето од оваа давачка кога нема или е лош сигналот одлучува Советот за радиодифузија, но ткави одлуки се носени само за мали места или делови од нив кои јасниот сервис не го следат долг период.

извор - www.dnevnik.com.mk

Сподели