Кратово пред 100 години имало свој Нострадамус, дедо Зафир од Шопско Рудари (ВИДЕО)

Вторник, 30 Октомври 2018 20:34 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати
alt
Речиси и да нема човек кој не слушнал за големиот пророк Нострадамус, но малкумина слушнале за големиот македонски претскажувач на иднината, дедо Зафир од кратовското село Шопско Рудари. Зафир се родил во втората половина на 19-тиот век и целиот свој живот го поминал во родното село. За разлика од Нострадамус кој напишал книги со пророштва, дедо Зафир бил неписмен човек и своите претскажувања не ги оставил на хартија. За него дознавме од пензионираниот свештеник Трајче Здравковски, кој потекнува од истото село и долги години богослужел во црквите и манастирите во Шопско Рудари. Тој ни раскажа како Зафир во 1919 година преку сновидение ја открил локацијата на црквата Ротонда во Шопско Рудари, за која археолозите утрврдиле дека е изградена во шестиот век.
-Кога отишле кај дедо Зафир, тој им рекол дека тука во близина има една голема неоткриена црква. Ги собрал тој селаните, земале лопати и казми, почнале да копаат и по негова директива ги откриле темелите на црквата – раскажува отец Здравковски.
Пророкот Зафир во 1934 година го предвидел атентатот и смртта на кралот Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, по што жандармеријата го затворила и неколку дена минал зад решетки, се додека не стигнала депеша дека кралот навистина бил убиен.
Со ликот и делото на пророкот се занимава и хроничарот Стевче Доневски, кој ги собрал на купче сите предвидувања на старецот од Шопско Рудари. Во едно од нив, тој претскажал дека русокос Македонец ќе извади човечко срце во леген и повторно ќе го сошие во тело.
-Кога Зафир на Цоцев камен кажал дека русокосо момче ќе извади човечко срце во леген, дека ќе го сошие со самарџиска игла и повторно ќе го врати во човек, дека мртов човек ќе прозбори, со рака покажал накај Штип. Кога новинари од Белград пристигнале во Шопско Рудари, му понудиле да замине со нив и да просперира во големиот град. Зафир ги одбил со зборовите „туј сам се окучил, туј сам се научил“ – раскажува Доневски.
Дедо Зафир во една пригода претскажал дека ќе дојде време кога на Македонија ќе и закачат опашка. Толкувачите на неговите пророштва велат дека ова претскажување е во врска со најавената промена на името на државата. Дали ќе се оствари и ова негово пророштво, останува да видиме на пролет. Оливер Арсовски
Фотографија на Oliver Arsovski.
Сподели