Се урна дел
од Аргулички мост
пишува - Оливер Арсовски
Мостот на Манцева Река во Кратово, познат како Аргулички мост, се распаѓа и секој момент може да се урне. Граѓаните на Кратово што живеат во Бабакарино маало и се принудени секојдневно да го користат, се жалат дека нивните животи се доведени во опасност бидејќи целата камена конструкција е напукната на повеќе места и прашање на време е кога целосно ќе се урне. Последниот инцидент се случил пред неколку дена кога се урнале неколку метри камења од мостот и паднале во реката.
"Мостот е катастрофа и итно мора нешто да се преземе. Општината нема право да интервенира бидејќи мостот е стар повеќе од 100 години и е под заштита на државата како споменик на културата. Пред неколку дена беа од Управата за заштита на културното наследство, нешто снимаа, си заминаа, и којзнае кога ќе се вратат", велат жителите на Бабакарина маало.
Најголемото оштетување мостот го претрпе пред десетина години кога, поради реконструкција на Радин мост, сообраќајот беше пренасочен преку Аргулички мост, кој не е проектиран за сообраќај на товарни возила.