Иако последниве две-три децении кратовскиот регион го загуби статусот на лозарски крај, сепак, надалеку е познато прочуеното кратовско вино и гроздовиот маџун кои се правело во домашните визби во секоја домаќинска куќа. За тоа говори и фактот дека во кратовската куќа во комплексот „Македонско село“ во Нерези, не е сместен ниту еден стар занает, какви што имало десетици во Кратово, туку винарска визба за правење домашно вино. На денот кога македонските лозари го слават својот заштитник, маченикот Св.Трифун,кратовските лозари и љубители на
црвената капка излегоа масовно по лозјата, да ги закројат лозите и да благословат богат род. Во месноста Рашковац, на половина километар од градот, стариот 72-годишен лозар Доде Додев го затекнавме како со своите внуци го изведува ритуалот на закројување. Тој ни раскажа за старите лозарски традиции во кратовско, кои датираат векови наназад, а се задржа на една интересна винска приказна врзана токму за месноста Рашковац.
-Според кажувањата на нашите дедовци, токму во Рашковац постоеле родни лозја кои давале многу квалитетно грозје. Тоа било причината овде да се насели богат турски бег, кој бил љубител на виното и гроздовиот маџун. Нашите прадедовци за потребите на турскиот бег изделкале голем резервоар во една огромна карпа, во кој го ставале грозјето. Во долниот дел на каменот отвориле мал процеп, низ кој источувале квалитетно вино.

Особено познат бил кратовскиот гроздов маџун од сортата „кратошија“, кој надалеку бил баран се до појавата на белиот индустриски шеќер – ни ја раскажа приказната стариот винар.
Тој со жалење заклучи дека Кратово веќе не е лозарски крај. Младите ги запустија лозјата, а и оние што останаа не раѓаат толку колку што раѓале во минатото.
-Нема повкусно и подобро вино од она што е произведено во домашни услови, од стари автохтони сорти. Денес младите повеќе милуваат без труд да си купат вино и ракија во дуќаните, на тој начин уништувајќи една стара прекрасна традиција на произведување вино и ракија во домашните визби – заклучи Додев. Оливер Арсовски
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=21516845117
