Македонија доби нова влада, Михаил Цветков стана министер за земјоделство

Четврток, 19 Јуни 2014 16:36 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

 9C5936010D5E5C6F63D12CF6A05FF5B3Со 77 гласа „за“ и 6 „против“, Собранието ја изгласа новата Влада предложена од мандатарот Никола Груевски. Поддршка доби и Програмата за работа на Владата што треба да се реализира во следните четири години.

Новиот владин состав ќе има 26 члена заедно со премиерот. Од нив четворица ќе бидат вицепремиери, а седуммина министри без ресор.

Во експозето, Груевски најави дека во фокусот на Владата ќе бидат економијата и евроатлантските интеграции, вети повисок стандард за граѓаните.

„Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а притоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на тој референдум да се согласат со можното решение“, нагласи Груевски.

Против Владата гласаше пратеничката група на ДПА, додека Роза Топузова Каревска, единствената пратеничка од опозицијата предводена од СДСМ која не поднесе оставка, не се изјасни.

Mинистер за одбрана во новата Влада e Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љирим Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири. За министри без ресор се избрани Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.

Сподели