Министерката Канческа и амбасадорот Волерс потпишаа грант за обнова на Златкова кула

Среда, 01 Октомври 2014 12:12 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

alt

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на САД во Република Македонија, Пол Волерс, во Кратово потпишаа Договор за доделување грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културно наследство. Со овој грант во висина од 97.700 долари ќе се изврши конзервација и реставрација на Златковата кула, која се смета за една од најстарите кули во Кратово. Изградена во далечната 1365 година, името го добила по нејзиниот последен сопственик Ѓорѓи Златков.  
-Ова е навистина исклучително значаен проект кој е во функција на ревитализација на нашето богато културно наследство и негова промоција. Посебно ме радува фактот што со овој грант ќе се уреди ентериерот во кој ќе има сувенирница, културно-информативен центар, како и спомен-соба на македонскиот православен светител Св.Ѓорѓи Кратовски – рече министерката Канческа – Милевска.
Амбасадорот Волерс истакна дека грантот за Златковата кула е 12-тиот проект од Амбасадорскиот фонд за културна заштита во Македонија, преку кој во изминативе 13 години во земјава биле инвестирани повеќе од еден милион долари.
-Кратово има богата историја, факт што им станува јасен на сите кои чекорат по историските улици и мостови на градот. Кулите се важен дел од таа историја. Среќни сме што можеме да ја реставрираме оваа кула и да ја вратиме нејзината оригинална убавина и сила така што и граѓаните на Македонија и странските посетители ќе можат да се вратат назад во времето и да ја почувствуваат историјата од прва рака – истакна Волерс.
На овој споменик на културата и во минатото е интервенирано преку проекти на Министерството за култура со вкупна вредност од 1,3 милиони денари. Министерката Канческа – Милевска најави и нови капитални проекти од областа на културата во градот Кратово.
Ударен проект во следниот период ќе биде археолошкото истражување на подземните тунели во Кратово, кои ги поврзуваат шесте кули во градот. Министерката Канческа најави дека по реставрацијата и конзервацијата на тунелите, очекува тие да прераснат во голема туристичка атракција која ќе привлекува туристи од цел свет. Заложба на општината Кратово е да се обноват сите шест зачувани кули, кои се заштитен симбол на градското јадро, заедно со камените мостови и другите знаменитости во Kратово, со што ќе се заокружи импозантната архитектонска целина.   Оливер Арсовски

alt



Сподели