Околу 100 средношколци од Македонија, меѓу нив и три од новинарската секција во СОУ „Митко Пенџуклиски“, беа дел од проектот „(Де)конструирај ги медиумите“, кој се одржа вчера, на медиумскиот ден на средношколците. Младите новинари Магдалена Димитријевска, Жаклина Георгиевска, Дарио Тасев и нивниот ментор проф.Оливер Арсовски ги посетија редакциите на три престижни медиуми, каде низ разговор со уредниците, новинарите и техничкиот персонал учеа за процесот на креирање вести.
Младите новинари низ лавиринтите на Македонската телевизија ги водеше искусниот новинар Зоран Богатинов, претставувајќи ја сложеноста на процесот на креирање вести. Со тајните на печатените медиуми ги запозна заменик-главниот уредник на Нова Македонија, Марјан Велевски, кој ја раскажа богатата историја на најстариот македонски весник, кој цели 70 години успева да опстане на медиумската сцена. Тој укажа дека весникот Нова Македонија на еден поинаков, малку специфичен и пред се со аналитички пристап, ги обработува настаните. Во просториите на Телеграф младите новинари поразговараа со уредникот Јана Ѓорѓинска за спецификите на еден електронски портал, за авторските права и за тужбите кои ги добиваат новинарите.
Целиот настан беше во организација на Високата школа за новинарство и односи со јавноста, а под покровителство на американската амбасада.
ФОТОГАЛЕРИЈА https://www.facebook.com/media/set/?set=a.10153442353478957.1073741898.155289693956&;type=3&uploaded=2
