Монаштвото во Македонија се помасовно, се ближи кон 200 испосници

Сабота, 01 Декември 2012 14:56 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Ако некогаш имавме малку монаси, ако тоа ни го префрлуваа како една од причините зошто нашата автокефалност не може да биде прифатена, сега веЌе не е така. До пред петнаесетина години имавме десетици монаси, потоа стотина, а сега веќе нивната бројка се доближува до двесте. За црква каква што е нашата, тоа е големо постигнување кое нема да запре тука, вели архимандритот Партениј, игумен на манастирот „Свети Јован Бигорски“

altИ најголемите братства почнуваат со првиот. Со оној што прво го поставил каменот на кој подоцна додал уште еден, па уште еден, сè додека не се создал храм за Бога.

Потоа почнале да доаѓаат и другите браќа. Од љубовта кон Бога и на нашиве простори настанале прекрасни градби кои во одредени периоди од историјата доживеале да бидат опустени, празни, нагризени од забот на времето, доведени до пропаѓање и исчезнување. Таму каде што некогаш имало многу браќа прекуноќ не останал никој за по неколку децении да дојде првиот кој го ќе го врати животот. Десетина македонски манастири и цркви сега живеат таква приказна - со еден монах или монахиња во нив, кои вложуваат огромна љубов и енергија, за светилиштата да си го вратат поранешниот сјај. А дојдени се од поголеми братства кои, исто така, настанале од некој што на почетокот бил сам, но имал посветеност да создаде расадници на монаштво во земјава.

Неколку манастири во Македонија сега имаат таква улога. Во нив не само што се станува монах и се созрева, туку тие стануваат центри кои се препознаваат со својата духовност и оригинална дејност. Kруна на сета ова целина која полека во рамките на МПЦ-ОА си воспоставува на себе својствен систем на организација и комуникација е трендот на постојано зголемување на бројот на монасите, што е раритет во најголемиот број православни цркви во светот.

- Ако некогаш имавме малку монаси, ако тоа ни го префрлуваа како една од причините зошто нашата автокефалност не може да ја прифатат, сега тоа веќе не е така. Некогаш имавме малку монаси, пред петнаесетина години ги имавме десетици, потоа стотина, а сега веќе бројката се доближува до двесте. За црква каква што е нашата, тоа е големо постигнување кое нема да запре тука - вели архимандритот Партениј, игумен на веројатно најпознатиот македонски манастир „Свети Јован Бигорски“ крај Дебар.

Заедно со манастирите „Успение на Пресвета Богородица“ во струмичкото село Велјуса, „Свето Преображение“ во прилепско Зрзе и „Свети Гаврил Лесновски“, овој духовен храм е јадрото на монашкото живеење и дејствување во нашата црква. Од овде, практично, тргнуваат првите монаси кои заминуваат по опустените селски цркви и манастири во земјава за да го вратат повторно животот во нив. Засега, во рамките на нашата црква имаме десетина манастири во кои живеат само по еден монах или монахиња. Таква мисија, сега на пример, во Скопската епархија има игуменот Наум во манастирот „Свети Ѓорѓи“ во селото Kучково, во охридскиот крај јеромонахот Вартоломеј во село Лешани, монахот Kалист во познатиот прилепски манастир Трескавец, игуменија Атанасија во селото Журче, монахињата Параскева во преспанското село Јанковец, игуменијата Зиновија во кумановското село Дељадровце, монахињата Серафима во Брегалничката епархија, монахот Бенедикт во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ кај Македонски Брод... А речиси исто толкав е и бројот на манастирите во кои има по двајца-тројца монаси или монахињи кои веќе постигнале завидни успеси во обновувањето и враќањето во живот на некогашните големи светилишта.

- Ако за овие манастири е препознатливо тоа што во нив се враќа животот, за другите станува препознатливо тоа што во нив се прави - објаснува отец Партениј.

Во јавноста е веќе познато дека во Бигорскиот манастир, кој сега закрепнува од големиот пожар и уништувањето што му се случи, веќе повеќе години е истовремено и центар во кој духовна помош бараат оние што сакаат да се излечат од болестите на зависност. Околу илјада, најмногу млади луѓе досега заминале во Бигорски, останувале пократко или подолго време, обидувајќи се со помош на монасите да најдат пат за бегство од зависноста и порокот.

- Од нив, можеме слободно да кажеме, излекувани се околу двесте. Тие најчесто останувале кај нас меѓу шест и дванаесет месеци и тоа е период во кој може да се гарантира дека ќе се случи подобрувањето. Оние што немаа сили за тоа заминуваа веќе првиот месец - објаснува архимандритот.

Од друга страна, во блискиот, женски, манастир „Свети Ѓорѓи“ во Рајчица тамошните монахињи веќе се надалеку познати во сестринските православни цркви по изработката на митрите кои на глава ги носат највисоките црковни достоинственици - патријарси и архиепископи. Митрите на овие монахињи досега им се подарени и на всленескиот патријарх Вартоломеј, на рускиот патријарх Kлимент и на многубројни други митрополити.

Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ на Матка, пак, се прави свештеничката облека, во повеќе манастири се произведува темјан, а Марковиот манастир во с. Сушица крај Скопје е претворен во своевидна академија за сликање икони, исто како и повеќе други храмови.

- Сето ова ја покажува нашата желба манастирите во земјава да бидат јадра на нашата духовност, на ширењето на љубовта кон Бога и на својот верен народ - потенцира архимандритот Партениј.

Земја со најмладо монаштво

Интересно е да се наведе дека само 11 од сегашните монаси и монахињи на МПЦ се замонашени пред 1995, годината на почетокот на обновата на монашките заедници во Македонија. Споредено со останатите православни цркви, МПЦ-ОА има најмладо монаштво, при што просекот е околу 34 години. Освен етнички Македонци, во монаштвото на МПЦ има и припадници на други националности - етнички Романки, Хрватки, Србин и Чех. Речиси половината од монасите и монахињите се со завршено формално високо образование што значи дека се над просечното ниво на образование во земјава.

преземено од www.dnevnik.com.mk  автор - Бранко Ѓорѓевски

alt

 

Сподели