Новогодишно интервју со Љубисав Иванов - Ѕинго (преземено од Вечер)

Четврток, 03 Јануари 2013 10:02 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати


altЉубисав Иванов - Ѕинго е политичар со најдолг политички мандат и во бивша СФРЈ и во независна Македонија. Во политиката влегува далечната 1955 година како младинец на СКМ и СКЈ. Запознал и соработувал со преку 2.000 пратеници во целиот мандат. Го издигна Кратово во еден од најразвиените индустриски региони во Македонија. Успешно го приватизира рударско-индустрискиот комбинат "Силекс", без отпуштање работници, 3000 во тој период, а во рамките на корпорацијата разви уште дваесетина успешни компании во разни дејности.
На шега вели дека до 2002 година бил аматер политичар, а дури потоа станал професионалец. Кога прашав зошто, се насмеа и одговори: "Зашто го сменија законот.". Есенва, на лично барање, се повлече од политиката. Упорен следбеник на производството пред услугите, сопруг на Мира, татко на две деца и обожавател на трите внуци, Ѕинго е жива политичка легенда.


Господине Иванов, кога првпат станавте пратеник и дали преку пратеничката функција, всушност, влегувате во политиката?
-Во политиката влегов како средношколец. Кога бев во трета година гимназија, Околискиот комитет - Кумановска околија оформи партиска организација на Сојузот на комунистите во гимназијата и мене ме избраа за секретар на таа организација. Тоа е мојот прв контакт со политиката и тоа продолжи на Белградскиот универзитет, каде што студирав Рударско-геолошки факултет. Таму непрекинато бев четири години, додека студирав во Белград, и тој континуитет продолжи во политиката. Кога се вратив во Кратово, исто така, ме поврзаа во општествено-политичките организации. Станав член на Општинскиот комитет на одборот на Социјалистичкиот сојуз, потоа одборник во Собранието, а подоцна станав и пратеник. Така, јас сум еден од ретките пратеници кој преку 40 години е во републичките и во сојузните одбори и тела. Ама најголемиот дел во аматерска улога. Дури по 90-тите години, од осамостојувањето на Македонија, сум платен пратеник, кога се донесе Законот за професионални пратеници. Инаку целиот период сум како аматер.

Колку години сте во политиката. Која година почнавте да студирате во Белград?
-Во Белград се запишав 1957-58 година, завршив 1960-61 година, така што околу 54-55 години сум во политиката

Во сите овие години во политиката на кои колеги-пратеници најмногу се сеќавате и зошто?
- Јас долго време бев најмладиот пратеник во Парламентот. Се сеќавам на пратениците кои беа народни херои, како Стрезовски, Ана Кочовска, плејада борци од Револуцијата, херои итн. Тоа е една армија од пратеници. За овој период преку 2.000 луѓе.

Во тоа време имаше и неколку политичари од Македонија кои работеа на високи позиции во Југославија. Лазар Колишевски, Киро Глигоров, Лазар Мојсов, Крсте Црвенковски. Според вас, кои од нив најмногу направија за Република Македонија?
- За Лазар Колишевски можам да ви кажам дека беше страшна личност. Запознав еден извонреден човек со една голема култура иако немаше некое редовно образование освен образованието во Крагуевац како ученик-занатлија. Меѓутоа, како човек тој имаше завршено повеќе факултети. Ако се зборува за некој човек комунист или хуманист, само тој може да биде образец за таков човек: скромен, со визионерство и љубов за својот народ и својата држава. Тој беше човек кој не сакаше раскош, не сакаше богатство, тој и кога ќе го поканевте на ручек, ќе прифатеше само ако е ручекот скромен. Ако е тоа гравче, ако е тоа леќа, ако е тоа некоја зелка. Тој беше во судир со Тито, затоа што беше единствениот човек кој на Тито можеше да му каже каде греши и затоа го тргнаа од политиката. Тито потоа неколку пати изјави дека само Лазо му ја зборува вистина, а сите други го лажат. Ние од Кратово повторно го предложивме за член на Претседателство на Југославија. Овациите за Колишевски беа толку големи, практично народот не дозволуваше да се гласа за тоа.
Исто во големо сеќавање ми е (и тој веќе не е меѓу живите) Лазо Мојсов. Тој беше еден голем интелект. Карактеристично за него е тоа што тој многу памтеше. Секаде зборуваше дека е Македонец од Југославија.
Киро Глигоров го запознав како студент на Белградскиот универзитет. Беше многу ценет во Југославија како стручњак за финансии иако имаше завршено Правен факултет. Тито имаше голема доверба во него. Мислам дека голема улога одигра тој во осамостојувањето на Македонија. Се сеќавам, пред да биде избран во македонското собрание, се сретнав со него во Охрид во хотелот "Силекс" на негово барање. Тој гледаше дека се распаѓа Југославија и како ќе се снајде Македонија во целата таа ситуација затоа што токму во тој период имаше криза на генерација, криза на елита. Тогаш јас му предложив тој да се нафати за самостојна независна Македонија и дека Социјалистичката партија ќе го поддржи и дека сигурно ќе го поддржат и другите партии.

Тоа се годините, всушност, кога се создава и економијата и се гради целата инфраструктура во сите југословенски републики, вклучително и во Македонија. Од оваа гледна точка, сметате ли дека Македонија направи доволно за да влезе во плановите за обезбедување на парите за инвестиции и за инфраструктурата во државата?
-Во Југославија се донесоа закони побрзо да се развиваат неразвиените краишта, неразвиените републики. Она што се направи во Македонија е многу ако се има предвид стартот. Во Македонија немаше ниедна фабрика, постоеја само макадамски патишта што ги изградиле Турците. Немаше никаква инфраструктура. За тој период мислам дека Македонија многу напредна, многу се изгради, многу се инвестираше, особено во земјоделието во првите 15-20 години. Кога излеговме од Југославија во '90-та година, имавме моќно стопанство, моќна индустрија, моќно земјоделие, развиени сообраќајни системи.

Колку од тие инвестиции коишто дојдоа во Македонија, успеаја да се слеат овде во Кратово и што направивте вие за развојот на градот?
- Јас во Кратово дојдов '60-61 година, кога беше на пат да ја доживее судбината на Галичник - масовно иселување. Падна на 1.500 жители. Иселувањето се движеше кон околните градови и кон Скопје. Со моето доаѓање започна подинамичен развој на Кратово. Се фокусиравме на рударството. Во тоа време имаше пари, не беше време на оскудица на капитал. Но, имаше недостиг на кадри и недостиг на идеи. Прво, немаше кој да произведе идеи, а потоа и да ги спроведе. Беше голема оскудица за кадри. Подоцна отидовме на развој на индустријата. Во тој период отворивме 10-12 рудници, околу 12 фабрики, се развија градежништвото, трговијата, угостителство, земјоделието, банкарство, ја отворив телевизијата Сител, влегов во сите области и за моја голема среќа не промашив ни едно инвестирање. Го спречивме иселувањето на Кратово, а некаде при крајот на 80-тите години ние практично немавме невработен во градот.

Колкава беше стапката на невработеност во 80-тите?
-Можеше да се сретне само некој што не сака да работи, а имаше голем прилив на работна сила од околните општини. Во 80-тите години бевме на трето место по остварен доход во Југославија. Тоа беше голем успех и затоа ги добивме и сите награди во Југославија. Најголемата е Авнојската награда.

Силекс е една од корпорациите којашто и по процесот на приватизацијата остана на здрави нозе да работи и продолжи да се унапредува. Зошто Македонија ја пропушти можноста за успешна приватизација на големите корпорации, како Металскиот завод "Тито", Скопската железарница, Битолатекс, или фирмите во Штип. Каде погреши Македонија?
- Од сегашна дистанца се уште тврдам дека самоуправувањето беше многу успешен систем во Југославија. Кога Владата на Анте Марковиќ го носеше Законот за приватизација, таа на некој начин се потпре на самоуправувањето: приватизацијата да се изврши така што работниците и вработените ќе бидат акционери. По тој модел се приватизираше и компанијата Силекс, која во тоа време имаше над 3.000 вработени. Значи, акционери станаа сите вработени во компанијата со платена приватизација. Наместо да делиме по десет плати или по осум, ние пет-шест плати ги ориентиравме за купување акции во првата година, па втората година, третата итн. Компанијата тоа го направи меѓу првите во Македонија и повеќе од 90 отсто од вработените станаа акционери. Во оние компании во коишто колективите не беа дел од приватизацијата, се случија големите хаварии. Мангупи ги обезвреднија и така се формираа 25-те загубари. Оние што беа пак монополи, ги купија странци заедно со наши луѓе преку фирми на Кипар. Така настана огромната хаварија во економската сфера и јас би ја нарекол дури економски геноцид. Практично, во тој период немаше странски инвестиции. Денеска нашата Влада се бори да донесе 100, 200, 300 милиони странски инвестиции, а ние уништивме милијарди. Кој се не е замешан во таа корумпирана приватизација. Голема работа е што во 2006 година дојде оваа коалиција на власт за да ги спречи таквите процеси и да се почне со развој во инвестирање. Добро е да имаме ние странски инвестиции, ама треба да водиме сметка тие да не смеат да надминат 40 отсто од формирањето на бруто-домашниот производ.

Вие станавте шеф на социјалистите по смртта на претходниот претседател на партијата, Киро Поповски. Во 1996 година решивте СПМ сама да оди на локалните избори и тогаш освоивте 85.000 гласови и имавте 12 градоначалници Се дистанциравте од СДСМ. Кои беа мотивите тогаш да го направите тоа?
- Дојде до судир со социјалдемократите за економската политика, за приватизацијата. Онаа приватизација за која се залагаше Јане Миљоски и што како закон го усвои тогаш Парламентот, за нас не беше прифатливо. Укажавме дека тој модел ќе внесе голема корупција и големи загуби во Македонија и дека ќе ја сруши економијата. Ќе бевме среќни да не бевме во право. Другата работа на судир со СДСМ беа парите од приватизацијата. Ние баравме исклучиво да се користат во инвестиции. А ние само продававме, не инвестиравме. Третата точка на судир беше кредитно-монетарната политика, курсот на денарот во однос на марката - имавме огромни загуби во супстанцата на извозот. Нагло ни паѓаше извозот, а го стимулираа увозот. Ние практично го развивавме развиениот Запад - купувавме огромна стока од Запад, ги трошевме своите ресурси, а немаше никаков стимул за производство дома. По локалните избори тоа што ние го баравме во врска со девалвацијата СДСМ го спроведе под притисок на ММФ.

Ве поврзуваа и потоа за соработка со Црвенковски иако фактички вие од 1996 година наваму ја спроведувате визијата за самостоен настап на изборите, надвор од коалицијата на СДСМ. Како го коментирате тоа?
- Со Црвенковски одржував контакти и кога беше тој претседател на државата. Тој сака така малку да се мангупира, па тие контакти ги усложнуваше и се правеше како недопирлив, меѓутоа тој сам си придонесуваше да слабеат тие врски. Кога ги изгуби изборите во 1998 година, тој се исплаши за својата положба и ме бркаше два месеци да направиме еден договор за вечна коалиција. Тој го срочи договорот, го направивме, го потпишавме удривме и печат, потписи... се регулиравме, меѓутоа подоцна кога му се укажа првата прилика, тој го прекрши договорот и го откажа. Така што таквите прекини на контакти не доаѓаа од моја страна или од партијата, доаѓаа поради егзибициите што човекот сакаше да ги прави во тие периоди. Па, еве и ден денеска тоа така се одразува.
За разлика од него, ние сме во коалиција од 2006 година со господинот Груевски. Тој е исто млад човек, меѓутоа тоа што ќе договорите со него, тоа е договорено и нема отстапувања, иако може ќе треба повеќе време за договор. Мене ми одговара таквиот стил на работа и таквите луѓе ги почитувам. Јас сакам луѓе што се од договор, што се од збор, што се еснафи, што чесно се однесуваат. Не сакам мангупарии и мангупски потези. Сега те превари, па мисли дека и утре ќе може тоа да го прави.

Во 1999 година ни се случи големата бегалска криза. И само што почнавме економски да излегуваме од неа во 2000 година, во 2001 г. ни се случи војната во РМ. Од денешна гледна точка, имавме ли капацитет и сили вистински да се справиме со тие предизвици?
- Сите проблеми кои настанаа во Македонија, се јавија како резултат на големата хаварија во економијата. Значи, не може се да се им припише на внатрешните фактори. Голема вина за тоа носат и Западна Европа, САД, кои сакаа да елиминираат се што остана од оној систем. Значи, тие бараа брза приватизација, брза либерализација, брза денационализација - се што има обележје на она општество кое го викаат комунистичко. Таму каде што имаше паметни луѓе кои постепено ја правеа либерализацијата на пазарот, денационализацијата и приватизацијата, тие ги сочуваа економиите и државите, испливаа и поминаа со помали губитоци. Ние на овој план тотално потфрливме. Не може да се каже дека вината за ова е на еден човек. Голема вина носат тие што беа и околу претседателот на владата, сите тие врвни професори, а уствари шупливи глави, кои само теоретски знаеја, а практично ништо, и кои лошо го советуваа Бранко Црвенковски. Тука уствари се најголемите дефекти. По партиска линија главно мангупи влегоа и мангупи ја упропастија Македонија. Тоа така го има речено и Ленин, дека мангупите го упропастуваат и Советскиот Сојуз.

Кои се трајните последици што ги остави вооружениот конфликт од 2001 година во РМ?
- Остави големи последици и на политички и на економски план. Прво, тој конфликт не произлезе од нетрпението меѓу македонскиот и албанскиот народ, тоа треба веднаш да го расчистиме.

Албанците имаат сопствени политички барања коишто ги испорачаа во 2001 и заради коишто се смени и Уставот на РМ. Има ли РМ политички капацитет да одговори на постојаните закани и опасности од федерализација на државата доколку не бидат исполнети политичките барања на Албанците?
- На Балканот повторно се повампируваат старите идеи за големи држави - голема Бугарија, Голема Србија, голема Грција, голема Албанија.
Познато е во историјата дека по економските кризи доаѓа до раѓање на конзервативни и опасни системи, фашизмот се јави по големата криза во '29-30 година. Сега сме сведоци повторно на такви појави.
По оваа криза во Грција се зборува за некоја Златна зора, на која повеќе и приличи да се каже Темен мрак, која со фашизоидни идеи го реставрира фашизмот на Балканот. Ние сега гледаме дека и по македонските улици тропаат чизми за некои исто големи држави. Гледаме дека се слават туѓи знамиња, гледаме дека се величат други држави и други раси, а тие можат да предизвикаат Балканот да зоврие. Ако овој свет сака да живее во мир, овој свет мора да се организира да ги спречи таквите појави.

Ги споменавте идеите за големи држави, меѓутоа дали е важно РМ да одржува добри односи и со соседна Србија и со соседна Бугарија и со соседна Грција како противтежа на можноста од постојани политички и етнички тензии внатре во самата држава?
- Не можеш сам да ги развиваш тие односи, ако партнерот од другата страна не те признава, не ти признава народ, не ти признава етичност, не ти признава јазик, не ти признава држава, не ти признава култура, не ти признава историја, ништо не ти признава, не можеш ти сам да ги одржуваш тие односи кога тој те негира на општо основание. Ние мораме да останеме на принципите на добрососедски односи.
Така е и не случајно онаа латинската пантареја - "Се се движи се се менува", така што времето работи за нас и ние треба да бидеме мудри, прво да бидеме единствени тука и да изградиме еден општ став.

Со ВМРО-ДПМНЕ и со сегашниот претседател на партијата Никола Груевски соработувате уште од 2000 година, тој ја има вашата силна поддршка од 2001 година. Од 2006 и формално Социјалистичката партија на Македонија е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Што е тоа што го има Никола Груевски што ве тера, ви дава мотив, да го поддржувате 12 години без исклучок?
- Основна, прва, работа, добро да се запамти, го поддржувам, затоа што тој си ја сака државата, си го сака народот, си ја сака нацијата, затоа што е патриот и затоа што е трудољубив. Ист сум и јас. Таков сум бил, така сум живеел и еве така еден ден нема да ме има. Значи, тоа е нешто што не спојува како луѓе, не само како партии. Најважното што јас го сакам, што посебно го ценам, е што сака да работи, што сака да направи, што сака да створи. Најголемиот дел од своето време го жртвува во работа за резултати, во развојот на својата земја и својата држава на сите полиња. Второ, тој помина низ еден процес за оформување на личноста и работеше во повеќе сектори како што се финансиите, банкарството, трговијата, економијата. Тој е млад човек и дојде во голема мерка како зрела личност. Меѓутоа, она што е најважно, тоа сите веројатно го приметуваат е што тој многу брзо се реформира, многу брзо се менува, а тоа е голема работа. Не е оној истиот Никола Груевски од 2001, од 2005, 2006 и Никола Груевски од 2012 година. Сака да учи, сака да напредува и сака се да направи за народот и за нацијата. Во наредниот период моето влијание, мојот притисок на Никола Груевски, ќе биде уште повеќе да се посвети на економијата, уште повеќе да вложи енергија, тој е млад, може тоа да го направи, сегашните напори треба да ги утростручи.

Има ли СДСМ таков политички капацитет за брзо да се реформира како што се реформира ВМРО-ДПМНЕ и како што Никола Груевски успеа да ја стабилизира и да ја издигне партијата на повисоко ниво?
- Што се однесува до опозицијата, сега ќе ви кажам што точно мислам. Ние треба да ја поддржиме опозицијата да зајакне. Сега ќе се чудите зошто. Па, ако немаме ние силен партнер визави себе, кој ќе биде јак со идеи, со програми, со визии, ако немаме кој ќе не мотивира, ние ќе почнеме да пропаѓаме. Така пропаднаа сите царства. Значи треба да имаме јака опозиција, а не ваква. Ваква опозиција нас ни отвора фронт. На 6 избори бевме, 6 пати победивме, уште 60 да има, на 60 ќе победиме. Што од тоа ако победиме ако некој не не мобилизира. Според тоа, јас мислам дека опозицијата ќе дојде време кога самата себе ќе мора да се реформира, инаку ваква збирштина прво се растуриле, па се спојуваат, па циганска работа.

Што очекувате да се случува во Македонија и со македонската економија во следните пет-шест години? Какви се вашите прогнози?
- Да не дојдеше во 2006 година оваа коалиција, каде ќе бевме ние со онаа политика и она темпо и оној начин на работа. Ма каква Грција, ние ќе ја прешишавме и Танганика, ќе бевме на дното денеска. Во една ваква ситуација владата покажа една страотна виталност, енергичност, борбеност да ги сочува состојбите во Македонија, да ја одржи во живот и овде-онде да постигнува и ефекти, резултати. Ние не сме затворен пазар, и голема држава, па да можеш да се затвориш и да ги амортизираш ударите од надвор. Според тоа, како што ќе се оправа ситуацијата во Европа, така и ние многу побрзо отколку други држави од Европа со оваа политика ќе излегуваме од криза. 

Ѕинго лично и персонално за семејството, за себе и иднината

altКако се чувствува човекот кој има обезбедено најдолг политички стаж и во Македонија и во Југославија и со тоа фактички си обезбедил себе си политичка бесмртност?
- Се чувствува старо. Мислам дека тоа е најдобриот одговор. Еве, јас сум во политика близу 60 години и мислам дека во целокупниот свој живот сум работел да створам за народот, за луѓето, за општеството, за државата, да створам семејство, фамилија да створам и за себе, и тоа човек го прави среќен и задоволен. И да не прави на никого ништо лошо зло, да прави само добро. 

Никој од вашето семејство не покажува амбиции за политички ангажман. Го сметате ли за личен успех одделувањето на работата од семејството и сметате ли дека има и други убави работи освен политиката?
- Најубавите работи се надвор од политиката. Се што е лошо е во политиката. Само во политиката лошото треба да се филтрира, да се отстранува, да доаѓаат добрите работи. Што се однесува до моето семејство, моето влијание и влијанието на мојата сопруга, особено нејзиното ако се има предвид колку сум бил ангажиран во политиката, јасно е дека нејзиното пресудило децата децата да не се занимаваат со политика. Ќе видиме како ќе биде со внуките и со внукот.

Што ќе прави Ѕинго по Нова година? Вие сте жива политичка легенда, автор сте на развојот на Кратово, учесник сте во сите политички настани во Југославија и во независна РМ, вие сте дедо на тројца внуци и татко на две деца?
- Па, додека сум жив, додека се движам, ќе работам да ја издигнувам компанијата, да ја развивам компанијата на сите сектори, јас створив една сложена компанија на развојот на Кратово и со тоа на развојот на Македонија. Се помалку ќе се занимавам со политика, се повеќе ќе работам во бизнисот, затоа што таму сум и најквалификуван и моето знаење моите вештини во тој поглед ќе ги пренесувам на младите.

Се откажал од академска кариера заради развојот на Кратово

- Идејата за да дојдам тука беше на претседателот на Кумановската околија, Сазде Путевски, и неговиот началник за стопанство. Имав понуда и да останам асистент на факултетот. Тие дојдоа и ми понудија пет пати поголем личен доход од професорската плата. Со професорот во Белград се договорив прво да дојдам на 6 месеци и да видам како ќе ми оди во Кратово, но после продолжив на година, па на година и пол и на крај се откажав од академска кариера, раскажува Ѕинго.

Сподели