Обичаите за св.Трипун во Шлегово

Вторник, 14 Февруари 2012 16:29 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

altпишува - Оливер Арсовски

Денес православните христијани го слават свети Трифун, денот кога се пие вино и се слави плодноста на лозите. Свети Трифун (или во нашиот крај познат како Трипун) е заштитник на лозарите и затоа денеска порталот АБЕРЏИЈА ќе ви ја пренесе вековната традиција на славење на овој празник во селото Шлегово. Голема благодарност до Стевче Доневски, и самиот по потекло од Шлегово, кој ни ја раскажа традицијата.

Свештеникот на празникот свети Трипун ја закројува лозата околу 8 часот, крсти вода и сите жители од селото земаат крстена вода да понесат за во лојзе. Присутните во црквата и свештеникот пивнуват ракија и секој дава благослов за годината да биде родна. Домаќинките месат погача за во лозје и околу 13 часот се поаѓа во лозје. каде се закројуват три лози, се посипуват со крстена вода, ракија и вино и на лозите се става од погачата за да биде родна. Се пече месо кое е наречено уште со колењето на свињите од Митровден, се јаде и печен колбас, да се пине, да се кусне, во лојзе да се трупа гројзе.

Во селото Шлегово постојат две места или две страни, Спас и Црвен камен.Таму се собираат лозарите, а најстариот зема збор да каже за вековната традиција на св.Трипун во Шлегово. Секоја година има лицитација за кумство, кој повеќе ќе нададе ракија,   вино, прасе. Музичката тајфа свири оро, кумот го води орото и по завршувањето на орото групата тргнува кон Шлегово. Почнуваат да се удират дабовите стебла од двата кума од Спас и Црвен камен и кое стебло ке се скрше, таа страна ќе биде со помал род.

За овие ритуали сум слушнал од шлеговските информатори Јакимовски Раде, Илија Јовановски, Донче Велков Ербап, Љубе Јачев, Томе Јачев, Гоце Јакимов , Илија Јаначков и Јаким Смилевски.

Сподели