Најголемата капитална инвестиција во Источна Македонија го решава проблемот со водоснабдување на над 100 илјади жители. Цевководот на хидросистемот Злетовица е веќе изграден до сите шест планирани општини, со што комплетно заврши првата фаза од проектот.
Три од општините веќе користат чиста вода за пиење: Кратово, Свети Николе и Пробиштип. Таму викендов почна со работа прочистителната станица, напоредно со пуштањето во употреба на браната Кнежево.
Штип ја финишира реконструкцијата на филтер станицата и во март треба да почне снабдувањето со вода од Злетовската река. Во општината Лозово завршена е техничката документација и ќе се бира фирма за изградба на филтер станица, а документација изготвува и опшината Карбиници.
Со оглед на тоа што со децении немале пристап до питка вода, граѓаните велат дека овој проект има големо значење за нив.
Во следната фаза хидросистемот ќе обезбедува наводнување на 4500 хектари земјоделски земјиште. Тенднер за изведувач на системот за наводнување ќе се распише во март.
Во финалната фаза Злетовица ќе произведува и струја и ќе го подобри енергетскиот потенцијал на регионот. Во целост проектот се очекува да вреди околу 100 милиони евра што го прави најголема инвестиција на државата во источниот регионо во последните две децении.