Промоција на студијата „КАПИТУЛАЦИЈА, КОНФУЗИЈА ИЛИ ОТПОР: Социјалниот капитал на македонскиот средношколец“
пишува - Александра Давиткова
На ден 06.04.2011год. со почеток во 14 часот, во просториите на општинската сала при Општина Кратово, во присуство на педесетина гости, беше одржана јавна трибина на тема „Капитулација, конфузија или отпор: социјалниот капитал на македонскиот средношколец“ и беше промовирана студијата „Социјалниот живот на средношколците во Македонија“. Трибината беше организирана од страна на Локалниот Младински Клуб„Млади Иницијативни Кратовчани“-Кратово, врз основа на студијата која е производ на реализирана анализа на истражување што опфаќа пет области: доверба во институции, социјална вклученост, граѓанско учество, образование и воншколски активности. Истражувањето беше спроведено во 13 градови низ државата во 50 средни училишта и опфати примерок од 3.607 средношколци. Истражувањето претставува сигнификантен и репрезентативен примерок на ниво на Р. Македонија, а е спроведено од страна на Младински образовен форум(МОФ).
Двочасовниот настан започна со вовед и кратка презентација на студијата, а потоа следуваше краток говор на секој од говорниците. По излагањето на говорниците следуваа прашања и коментари од страна на публиката, со што се разви голема дискусија во која беа вклучени говорниците и публиката. Голем придонес во дебатата имаа говорниците: Калинка Стефановска- професор по социологија во С.О.У.„Митко Пенџуклиски“, Љупчо Голубанов- правник во Општина на град Кратово и Марина Бојковска-член на Родителскиот Совет при С.О.У.„Митко Пенџуклиски“-Кратово.