Осумчленото семејство Николовски од Кратово остана без покрив над главата, откако утринава им изгоре семејната куќа. Пожарот избувнал во 5 часот во поткровјето, кога сите во домот спиеле. Огнената стихија набргу го зафатила горниот кат од домот и целосно го уништил. За среќа, членовите на семејството, меѓу нив и две мали деца, спиеле на приземјето и минале без повреди. Набргу пристигнала и противпожарната единица и спречила уште поголема катастрофа.
-Не снајде несреќа, ни изгоре цела куќа и покуќнина. Ако има луѓа со добра волја, нека ни помогнат со градежен материјал. Ние сме осумчлено семејство, сите без работа – изјави Зоран Николовски.
Маката на ова семејство е уште поголема бидејќи живеат со 10.000 денари од пензијата на бабата. Сите други членови во семејството се невработени. Велат дека се среќни што сите се живи и здрави, а приоритет им е во најскоро време да го обноват покривот.
-Не чека неизвесна ноќ, куќата е неупотреблива и во неа не може да се преспие. Очекуваме добрите луѓе да ни помогнат за да ја покриеме куќата во најкус рок за да оспособиме барем една соба, во која ќе може да се вратиме со моите две ќерќички на возраст од 2 и 3,5 години - ни изјави Тања Николовска.
Веруваме дека хуманите луѓе ќе им помогнат, а се очекува помош и од локалната самоуправа за повторно да се врати радоста во овој дом. Оливер Арсовски

